Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од одредбите од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, се наведува во соопштението од Уставен
Уставниот суд на денешната седница го отфрли барањето на пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за заштита на слободи и права, а во врска со обвинителниот акт против него во случајот „Моќник“.

Во случајот „Моќник“, Основниот кривичен суд во Скопје во октомври 2020 година го прифати обвинението на Основното јавно обвинителство Скопје. Покрај пратеникот меѓу обвинетите се и неговиот татко Милош Милошоски, поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев и дел од членовите на Комисијата.
Антонио Милошоски е третоосомничен и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Милошоски застапуван од адвокатот Петро Јанура до Уставниот суд поднесе барање во кое го оспорува обвинителниот акт наведувајќи дека му е повредено правото на недискриминација односно забрана на дискриминација по основа на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје.
Меѓутоа, на денешната седница Уставниот суд, како што соопштија оттаму, оценил дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.
Повикувајќи се на одредбите од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, оттаму велат дека Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен акт. Од судот ја земаат во предвид и одредбата од членот 52, според кој во барањето е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, како и дурги податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд, што според нив не било случај со обвинителниот акт во конкретниот предмет.
„Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од одредбите од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата“,
се наведува во соопштението.
Инаку, во барањето на Милошоски, објавено од Уставниот суд стои дека:
„Подносителот наведува дека му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето, Антонио Милошоски, кој е пратеник од редовите на најголемата опзициска партија ВМРО-ДПМНЕ“.
По повеќе одложени рочишта, на 25 март 2021 во Кривичниот суд започна процесот за случајот ,,Моќник“.
Предметот се однесува на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот му бил продаден на таткото на пратеникот Милошоски. Штетата што им е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.
Сите обвинети, Милош Милошоски, таткото на пратеникот (првообвинет), поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески (второобвинет), пратеникот Антонијо Милошоски (третообвинет) и другите, Томе Аџиев, Јанаке Витановски, Новица Велјановски, Ѓорѓи Милошевски, Шпенд Винца, Агим Мехмети и Даут Даути, тогаш изјавија дека не го прифаќаат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.