Уставниот суд на денешната седница реши времено да ја запре одлуката за посебен режим за движење на помладите од 18 и на повозрасните од 67 години.
Тие ќе можат да се движат како и останатите граѓани, од 5 до 19 часот.
Досега, за нив имаше посебни рестрикции, па возрасните можеа да излегуваат само во периодот од 5 до 12 часот, а малолетниците од 13 до 19 часот.
Ваквата одлука, како што објаснуваа од Владата, беше донесена за да се раздвојат двете групи – младите кои можат да бидат трансмитери на вирусот и возрасните кои се една од најризичните категории.
Иницијативата до Уставен за ваквите рестрикции беше поднесена со образложение дека се дискриминираат овие категории на граѓани. Одлуката за времено запирање и поведување постапка за оценување на уставноста која ја донесоа денеска уставните судии значи дека посебните рестрикции нема да важат додека на една од наредните седници и конечно не се донесе одлука дали тие се уставни или не односно дали дефинитивно ќе се укинат или ќе се вратат на сила.
