Во пресрет на денешниот протест на културните работници, Уставниот суд преку соопштение порача дека постапката е покрената врз основа на сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор и членот 78-љ од Законот и дека постапката во моментов е во фаза на одлучување. Конечна одлука за оспорените акти, додаваат од Уставен, сè уште не е донесена
Културните работници предводени од Синдикатот на културата за денеска во 13 часот најавија протест пред Уставниот суд откако Судот на почетокот на април поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на членот 78-љ од Законот за култура.

Членот 78-љ од Законот за култура, по кој Уставен поведе постапка по сопствена иницијатива, се однесува на начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на давателите на јавни услуги во културата.
Во пресрет на денешниот протест на културните работници, Уставниот суд преку соопштение порача дека постапката е покрената врз основа на сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор и конкретниот член од Законот и дека постапката во моментов е во фаза на одлучување. Конечна одлука за оспорените акти, додаваат од Уставен, сè уште не е донесена.
„Со особено внимание се следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразуваат претставниците на културната заедница. Уставниот суд го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест како темелна демократска вредност. Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставноправни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту, пак, нивниот статус или примања. Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Почитта кон нивната улога во општеството е неспорна“,
велат од Уставниот суд.
