Оттаму укажуваат дека на 24. седница што се одржа на 19 ноември, Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж за уставноста на членот 2 од Законот, но дека сè уште во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот. По ова, како што рекоа од Уставен на 27 ноември, ќе следува конечна одлука
Истиот одговор со кој реагираа на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на 27 ноември, Уставниот суд го упати и до пензионерите што денеска се собраа пред зградата каде што се наоѓа Судот за да протестираат против можноста од укинување на линеарното зголемување на пензиите.

„Уставниот суд информира дека не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување)“,
се вели во соопштението од Уставен.
Оттаму укажуваат дека на 24. седница што се одржа на 19 ноември, Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж за уставноста на членот 2 од Законот, но дека сè уште во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот.
По ова, како што рекоа од Уставен на 27 ноември, ќе следува конечна одлука.
Од Судот тогаш посочија дека јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање.
Во врска со тоа дали е поведена постапка за сите линеарни покачувања што досега им се исплатени на пензионерите, од Уставен информираа дека Судот нема да ги преиспитува одредбите што го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2 500 денари, кои се исплатени во септември 2024 и март 2025 година.
„На седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што тие беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет“,
беше наведено во соопштението од Уставен, на кое се повикаа и денеска.
Уставниот суд ова соопштение првично го објави откако премиерот Христијна Мицкоски во четвртокот на седницата за пратенички прашања од собраниската говорница рече дека Судот веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.
Мицкоски тогаш кажа дека одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите веќе била потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницира оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба да добијат и во март идната година.
Од владејачката партија, чиј претседател е Мицкоски, во неколкуте соопштенија што уследија потоа, посочија на судијката Кацарска, велејќи дека таа се залага за намалување на примањата на пензионерите, а од друга страна поддржува зголемување на платите на судиите.
Денеска, пензионери од целата држава се собраа пред Уставниот суд во Скопје на протест против можноста за престанок на линеарното зголемување на пензиите. Нивното барање е да продолжи линеарното пресметување, со цел да се намали јазот меѓу најмалите и најголемите пензии.

Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор на групата, на собирот порача дека нивната борба е за корка леб и лекови и ги повика надлежните да се запрашаат каде е грижата за пензионерите со мали пензии.
„Првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600-700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 спрема 4, сега е 1 спрема 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени“,
изјави Трајков.
Една од пензионерките на протестот вели дека постои формула по која треба да се пресметува покачувањето на пензиите за, како што рече, сите да бидат еднакви.
Друг пензионер обвини дека сите до сега донесени правилници не се користат во корист на граѓаните и на сиромашниот пензионер.
Протестот пред Уставниот суд беше најавен во саботата на собир во Штип, каде присуствуваа пензионери од повеќе градови.
Покрај линеарното усогласување, групата пензионери бара и воведување К-15, покачување на посмртнината од 35 000 на 50 000 денари, воведување пензионерска картичка.
Зоран Трајков најави дека протестите ќе продолжат и дека на 10 декември ќе појдат и пред Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.
