Едната иницијатива, во која се оспоруваат повеќе членови од измените на Законот, е поднесена од пратениците на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, Илире Даути и Елми Азири, додека зад другата стои Или Пачуку, кој исто така оспорува дел од новите одредби во Законот за прекршоци кои се однесуваат на системот „Безбеден град“
Уставниот суд денеска соопшти дека оформил два предмети по поднесени иницијативи во кои се оспорени измените на Законот за прекршоците што се клучни за воспоставувањето и функционирањето на електронскиот систем за надзор во сообраќајот – „Безбеден град“.

Едната иницијатива, во која се оспоруваат повеќе членови од измените на Законот, е поднесена пратениците од Алијанса за Албанците – Зијадин Села, Илире Даути и Елми Азири.
Другата, пак е поднесена, од Или Пачуку, кој исто така оспорува дел од новите одредби во Законот за прекршоци кои се однесуваат на системот „Безбеден град“.
По иницијативата за Села и неговите сопартијци е оформен предмет – У. бр. 25/26, во кој уставните судии ќе ги разгледуваат забелешките што тројцата народни избраници ги имаат во однос на член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, член 48-а во делот „достава”, член 48-б делот „издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог”, член 7-б делот „прифаќање на одговорност за сторен прекршок, член 48-в, член 48-г „неприфаќање на одговорност за сторен прекршок” и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци што Собранието го донесе на 23 јануари.
Како што навеле подносителите, за нив е спорно тоа што на граѓаните им се наметнува како обврска да имаат личен телефонски број и електронска адреса за да може да им биде испратен прекршочен налог во случај да сторат некој од сообраќајните прекршоци што е предвидено да ги регистрира системот „Безбеден град“.
Дополнително, како спорно тие го наведуваат и тоа што известувањата за сторен прекршок стигнуваат само на македонски јазик, што според пратениците од крилото на Алијанса за Албанците на Села е во спротивност со Законот за употреба на јазиците.
„Се наведува и дека сите граѓани не се ставени во иста положба, бидејќи системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, за што (во иницијативата) се тврди дека ‘под лупа’ е ставено албанското население кое на овие територии е во поголем број, за разлика од другите градови во државата“,
информираат од Уставниот суд.
По поднесувањето на иницијативата за оценување на уставноста на измените на Законот за прекршоците, лидерот на Алијанса рече дека новите одредби директно влијаат и ги засегаат сите граѓани, поради што, според него, тој требало да биде предложен од Владата и да биде предмет на широка јавна расправа наместо да биде предложен од пратеници и да се носи по скратена постапка.
Што се однесува до другата иницијатива, поднесена од Или Пачуку и по која е оформен предмет – У.бр.26/26, во неа се оспорени три члена од Законот за прекршоците – 48-б, 48-в и 48-г.
Како и за Алијанса за Албанците на Села и за него е спорно тоа што овој систем за надзор на сообраќајот се применува само на териториите на градовите Скопје, Куманово и Телтово, а не на целата држава.
Подносителот, исто така, тврди дека идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски преку електронски систем, додека во други делови од територијата на државата не подлежат на ист степен на контрола и санкционирање.
„Се наведува дека на тој начин се создава различен третман врз граѓани, врз основа на географската локација. Се додава, дека не е јасно по кои критериуми се избрани токму овие градови и колку долго ќе трае примената. За подносителот спорна е и т.н „пилот фаза” бидејќи, според него е нејасна и временски неограничена“,
велат од уставниот суд.

Измените на Законот за прекршоци беше донесен со двотретинско мнозинство, односно за него во петокот во Собранието „за“ гласаа 81 пратеник, 19 беа „против“, а воздржани немаше. За носење на измените на овој Закон не беше потребно Бадентерово мнозинство.
Двотретинското мнозинство го овозможи пратеничката група на Левица, која уште претходно најави дека ќе ги поддржи законските измени, што ги предложија пратеници од владејачкото мнозинство.
Координаторите на двете Алијанси за Албанците, и таа на Арбен Таравари и на Зијадин Села, како и на „Европскиот фронт“ и на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) се изјаснија дека ќе гласаат против измените на Законот за прекршоците.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека казните ќе се движат од 15 до 500 евра, а ќе се санкционираат пречекорувањето на брзината на движење во и надвор од населено место, поминувањето на црвено светло, непрописното запирање и паркирање и учеството во сообраќај со нерегистрирано возило.
Кога системот ќе биде целосно ставен во употреба, за што се прават последните подготовки, сопствениците на возила за кои е утврден прекршок ќе добијат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање извештај со платен налог. Прекршоците може да се платат електронски, а нема да се наплаќаат дополнителни трошоци за навремено плаќање. За одредени прекршоци за кои е пропишана забрана за управување со возило МВР ќе поднесе барање за постапување до надлежниот суд.
