Уставниот суд денеска порача дека одлуката со која времено ја запреа Уредбата за минимална плата на функционерите, судиите и обвинителите е донесена едногласно, а реакцијата на Владата е насочена против самостојноста и независноста на судот која треба да биде почитувана од сите.
Покрај оваа, Уставен реши да поведе постапка и за уредбите за забрана на исплата на додатоци и бонуси во јавниот сектор и за исплата на заостанатите плати на службениците во СЈО.
„По однос на ставовите на судот за овие уредби, но и за другите уредби со законска сила за кои на вчерашната седница се одлучи да се поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост, согласно Деловникот на Судот, Владата ќе има можност да даде свои правни аргументи, наместо вчерашните непримерни и паушални наводи, кои не се во согласност со владеењето на правото и се насочени против самостојноста и независноста на Судот која треба да биде почитувана од секого вклучувајќи ја и Владата на Република Северна Македонија“,
порачуваат од судот.
Од судот потенцираат дека одлуката била едногласна што, според нив значи дека нема дилема дека може да се испитува основаноста на уредбите.
Уставните судии, велат оттаму, во ниту еден момент од вчерашната расправа и при одлучувањето, не изгубија од предвид дека вонредната состојба е прогласена поради ширењето на коронавирусот, при што истовремено ја препознаваат потребата од преземање мерки за спречување на епидемијата и индиректните последици од истата.
Во тоа, потенцираат, неспорна е улогата на Владата во ваква ситуација да носи уредби, но тие мора да бидат во рамки на Уставот.
Владата, пак, вчера ја нарече одлуката на судот скандалозна и дека ја загрозува борбата против коронавирусот и ѝ штети на солидарноста во нашата земја.
*Поврзани вести:
Уставен го запре минималецот за функционерите, судиите и обвинителите