„Би било огромна и многу тешка повреда на Уставот и непочитување на нашата одлука доколку ДИК не постапел на овој начин. Замислете да немаат право независните граѓани, да нема критериум по кој тие би учествувале во изборниот процес. Тоа би значело брутално погазување и на нашата одлука и на Уставот и на Изборниот законик. Од тие причини мнозинството судии одлучија да не поведе постапка“, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по денешната седница
Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка за Правилникот на Државната изборна комисија (ДИК), според кој независните кандидати за советници и градоначалници можат со само два граѓански потписи да учествуваат на локалните избори закажани за 19 октомври.

За потсетување, Државната изборна комисија го донесе Правилникот на 17 август поради правната празнина што настана откако Уставен во мај укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои го одредуваат бројот на потписи што треба да ги соберат граѓанските иницијативи, односно независните кандидати и за парламентарни и за локални избори.
Ден претходно, односно на 16 август поради одлуката на Уставниот суд, во Собранието беа поднесени измени на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати, но тие не поминаа бидејќи по гласањето според Бадентер 11 пратеници од немнозинските заедници гласаа „за“, а 18 беа „против“.
Инаку, членот 18 што го укина Уставниот суд предвидуваше кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку еден отсто потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.
Од Светскиот македонски конгрес, чиј претседател, Тодор Петров, како и Стевче Стојанов поднесоа иницијативи со кои се бараше Уставниот суд да ја оцени законитоста и уставноста на Правилникот на ДИК. Подносителите сметаа дека со донесување на Правилникot е напрaвена повреда на Изборниот законик и член 8 став 1 алинеја 3 и 5, членовите 22, 23, 51, 54, 61 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Светскиот македонски конгрес во иницијативата тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.
Сепак, уставните судии оценија дека оспорениот Правилник не е во спротивност со Изборниот законик и дека во него Државната изборна комисија ги операционализирала законските одредби од Изборниот законик кои се однесуваат на постапката за собирање потписи и ги регулирала сите дејствија што треба да се преземат при собирање на потписи во случај кога кандидатските листи се поднесени од група граѓани.
Изнесувајќи ги аргументите на Судот, по дискусијата на денешната седница, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, на прес-конференција рече дека оценка на мнозинството судии на Уставниот суд е дека Правилникот на ДИК има своја и уставна и законска втеменелност и значи целосно усогласување односно почитување на нивната одлука.
Според Костадиновски, кој дискусијата ја оцени како плодна, конструктивна и на моменти остра, одлуката на ДИК во суштина преставува и имплементација на нивната одлука од мај годинава.
„Би било огромна и многу тешка повреда на Уставот и непочитување на нашата одлука доколку ДИК не постапел на овој начин. Замислете да немаат право независните граѓани, да нема критериум по кој тие би учествувале во изборниот процес. Тоа би значело брутално погазување и на нашата одлука и на Уставот и на Изборниот законик. Од тие причини мнозинството судии одлучи да не поведе постапка“,
рече Костадиновски.
Клучните аргументи на мнозинството судии, како што кажа Костадиновски е дека Изборниот законик со правната празнина создадена со одлуката на Уставниот суд не го регулира прашањето за критериумот за потребните потписи, но во сила во самиот Изборен законик и понатаму се одредбите според кои потписите на избирачите во постапката за кандидирање се собираат на начин и во постапка што ја уредува ДИК со свој правилник.
„Оттука одлуката на ДИК за поднесување на предлог кандидатски листи да биде потврдена со важечки личен документ со најмалку два избирачи претставува составен дел на постапката за кандидирање што е и предмет на уредување на оспорениот Правилник и тој не претставува ограничувачки услов“,
кажа претседателот на Уставниот суд.

Како што додаде тој, Државната изборна комисија има правен основ и била должна да донесе таков правилник.
„Пополнувањето на правните празнини е секогаш важна уставно-правна тема. Со нашата одлука неспорено дека се создаде една правна празнина. Право и должност е на законодавецот да ја пополни. Но, право на законодавецот доколку одлучи дека е целиосходно да не ја пополни, и тоа кажува многу и е сериозна индикација. Но, пополнувањето, односно непополнувањето на таа правна празнина можеби е одлука на Собранието и може така да се толкува дека оди многу либерално, во поглед на критериумот за учество на независните кандидати во изборниот процес, бидејќи не ја пополнил и не одлучил. Нашата одлука во која најдовме сериозни прекршувања на Уставот беше да се либерализира до максимум учеството на независните кандидати во изборниот процес како една од суштествените придобивки на демократијата и демократските процеси“,
изјави Костадиновски.
Независните коишто собираат потписи за формирање на партии, со цел да овозможат учество на изборите, пред седницата на Уставниот суд изразија загриженост дека се прави обид да се оспори легитимитетот на одлуката со два потписи да се оди на избори.
„Зелен хуман град продолжува да се бори, и покрај лавината од опструкции што од буквално сите страни прават притисок на нашите активисти. Се надеваме дека Уставниот суд нема подлегне на партиските притисоци. А, ние сме спремни да го возвратиме ударот и целосно да ја оспориме легитимноста на изборите доколку вакво нешто пројде и пред или по изборите“,
порачаа од Зелен хуман град во објава на Фејсбук.