Според судијката Ана Павловска-Данева, како судија известител во предметот, Владата на 24 март лани донела неуставна и незаконита одлука бидејќи, како што вели таа во пишаната изјава, ниту Уставот ниту кој било закон во државата не дозволува и не предвидува постапка за основање приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови ја укина одлуката на Владата за давање одобрение за основање на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во скопското село Кондово.

Одлуката што ја укина Уставниот суд е донесена на 26 март 2024 година, од тогашната техничка влада што ја предводеше Талат Џафери од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Судот, како што соопштија денеска оттаму, оценил дека одлуката е незаконита и неуставна бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница (ИВЗ) да биде основач на средно училиште – гимназија.
„Ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта. Исто така содржината на одлуката не е во согласност со Амандманот VII од Уставот според кој верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија“,
се вели во соопштението од Уставен.
Судот, како што се додава, ги прифатил како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за секуларниот карактер на државата, односно одвоеност на државата од верските прашања.
Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа владина одлука на 26 февруари годинава.
Иницијативата со која беше оспорена сега укинатата одлука, според материјалите на судот објавени на неговата официјална веб-страница, ја поднел извесен Славко Николов од Пробиштип.
Судија известител во предметот беше судијката Ана Павловска-Данева, која преку писмена изјава ги образложи аргументите поради кои е укината одлуката.
Таа вели дека со одлуката донесена со мнозинство гласови, Уставниот суд и овој пат, како и во повеќе наврати претходно со своите одлуки донесени во различни судиски состави, застанал на браникот на секуларноста на државата.

„Имено, Уставниот суд ја укина одлуката на Владата на РСМ донесена на 26 март 2024 година со која е одобрено основање на Приватно средно училиште ‘Медреса Иса Беј’ со образложение дека согласно амандманот VII точка 2 од Уставот е утврдено дека МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основање верски училишта и социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон“,
вели судијката Павловска-Данева.
Но, како што посочува таа, ниту уставот, ниту кој било закон во државата не дозволува и не предвидува постапка за основање на приватно средно училиште со граѓанско образование од страна на верска заедница или религиозна група.
Оттука, вели Павловска-Данева, Уставниот суд одлучи дека Владата во март 2024 година донела противзаконска и неуставна одлука, поради што таа е укината.