Доделените милион денари за „ОФФест“ на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за негово одржување од 7 до 10 јуни како повеќедневен фестивал. За жал, по дваесет и едногодишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор, велат од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“

Од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“ (СЏФ) најавуваат дека ќе го откажат 22. издание на „ОФФест“.
Причината за откажувањето, како што посочуваат од СЏФ е кратењето на средствата во Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, кои не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на „ОФФест“.
„Доделените милион денари за ‘ОФФест’ на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за негово одржување од 7 до 10 јуни како повеќедневен фестивал. За жал, по дваесет и едногодишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор“,
наведуваат од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“.
Оттаму велат дека немаат намера да поднесуваат жалба до второстепената комисија и да се изложуваат на натамошни понижувања, кои и со поддршката, како што додаваат, често ги имале со Министерството за култура во изминатите години.
„Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ‘ОФФест’ се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата, се разбира негативен, добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година“,
се вели во реакцијата.
Од СЏФ велат дека немаат намера да ја коментираат Годишната програма, која според Законот за култура ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту, пак, да се впуштаат во некакви споредбени анализи.
„Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма“,
додаваат оттаму.
Од третманот на „ОФФест“, велат од Установата, како и на есенскиот Скопски џез-фестивал, кому, исто така, му се скратени средствата, од актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени. Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што „ОФФест“ и Скопскиот џез фестивал очигледно тешко се вклопуваат.
„Но, не е наше да се занимаваме со ликот и делото на министерката, заробени во скафандер, и со нејзиното педигре во културата. Се знае чија должност е тоа. Се разбира, еден министер за култура не мора да знае сè. Ништо – не е опција. Партијата, во улога на Господ тука не може да помогне. Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ‘ОФФест’ и Скопскиот џез-фестивал, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи,
додаваат од Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“
На „ОФФест“, велат оттаму, му останува обврската да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија (преку програмата „Креативна Европа“). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на многубројни европски сцени“.
Реакцијата и откажувањето на „ОФФест“ доаѓа откако минатата недела Министерството за култура ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2023 година.