За да се надмине проблемот и да се зголеми безбедноста на жителите на овие села, како превентивна мерка е препорачано и да се контролираат сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели и тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда

Чистење на ѓубриштата во и околу населените места кои претставуваат извор за привлекување на мечката, е една од мерките кои прва ќе треба да се примени за да се намали нивното присуство во Општина Маврово и Ростуше. Ова е една од превентивните мерки кои се разгледани и усвоени на денешната владина седница, а се предложени од надлежните министерства.
„Локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк ‘Маврово’, согласно нивните надлежности, треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
За да се надмине проблемот и да се зголеми безбедноста на жителите на овие села, како превентивна мерка е препорачано и да се контролираат сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели и тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда.
Во мерките, кои се усвоени, се предлага и успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции, како и обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места, а дозволено е и употреба на превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.
Превентивните мерки, додаваат од Владата, се предложени од страна министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство и се очекува нивна ефикасна примена.
„Неопходните превентивни мерки, како што е соопштено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се предложени и преземени, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед дека кафеавата мечка (Ursus arctos), согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење. Активностите се преземени по доставено известување од страна на Јавната установа Национален парк ‘Маврово’, за зачестено присуство на кафеавата мечка на територијата на паркот, каде, според информацијата, има причинети штети по добиток, пчелни семејства, имот“,
се вели во владиното соопштение.
Минатата недела, Општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја има по граѓаните.
Според проценките што ги дава Општина Маврово и Ростуше, на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица, нивниот број би требало да биде 70.