Кичевецот Шекерим Ахмеди, кој под псевдонимот Ел Чека на социјалните мрежи објавуваше телефонски разговори за кои тврдеше дека се од функционери на ДУИ, добил условна казна од една година затвор која нема да се изврши ако во наредните две години не направи кривично дело.
Со првостепената пресуда тој е огласен за виновен за делото неовластено прислушување и тонско снимање. При изрекување на казната, судот да го имал предвид фактот дека обвинетиот е млад и досега неосудуван.
На условната казна, потврдуваат извори на „360 степени“, јавниот обвинител веќе поднел жалба.
Одбраната, пак, исто така не е задоволна од пресудата. Адвокатот на Ел Чека, Бесник Асани, во изјава за Алсат ТВ вели дека се направени суштински повреди на постапката и смета дека нема кривично дело затоа што во предметот нема оштетена странка.
Ел Чека, кој живее во САД, претходно тврдеше дека снимките ги добил од тројца обвинети во случајот „Диво Насеље“, а тој ги објавувал во нивно име. На социјалните мрежи се закануваше дека поседува многу материјали и дека нема да престане да ги објавува сè додека нема целосна истрага од меѓународната заедница за овој случај.