Владата на Србија вчера донесе одлука за привремена забрана за влез за странски државјани, кои доаѓаат од области со интензивно пренесување на коронавирусот
Во Србија се потврдени уште седум случаи на заразени со новиот коронавирус, со што бројот на заразените се зголеми на 12, соопшти утрово Министерството за здравство.
Од последниот извештај, во 18 часот синоќа до 8 часот утрово, тестирани се примероци од 13 лица, од кои седум се позитивни и шест негативни на новиот коронавирус.
Од седумте нови случаи, пет се поврзани со две жени за кои се покажа дека се позитивни по директен контакт со државјанин на странска земја додека останатите два случаи беа потврдени по нивни престој и контакти со лица во странство – во Италија и Германија.
Владата на Србија вчера донесе одлука за привремена забрана за влез во Србија за странски државјани, кои доаѓаат од области со интензивно пренесување на коронавирусот. Ова се однесува на лица што престојувале во Италија, одредени провинции во Кина, Јужна Кореја, Иран и делови од Швајцарија.
Меѓу дополнителните мерки е и препораката за строго почитување на забраната за патување на здравствените и социјалните работници во земји каде што има интензивно пренесување на вирусот, како и во жариштата на епидемијата.