Уште осум уреди за механичка вентилација (респиратори) и различни единици на лична заштитна опрема донација од ЕУ денеска беа предадени како поддршка за земјава во справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19.
Со денешната донација и претходно донираните 12 респиратори се заокружува бројката од 20 респираторни машини кои се набавени дел од 4 милиони евра кои што ЕК ги стави на располагање за итните медицински потреби на земјата за справување со ковид-кризата.
На настанот на кој присуствуваа евроамбасадорот Самоел Жбогар и министерот за здравство Венко Филипче, националниот координатор на странска помош во земјава и вицепремиер за европски прашања Бујар Османи истакна дека помошта е обезбедена преку широка соработка со ЕУ и земјите членки, а особено е важно што доаѓа во време кога се соочуваме со нов бран на ширење на коронавирусот.
„Факт е дека при справување со пандемијата секоја земја мора да најмногу да се потпре на сопствените капацитети и на одговорното однесување на сопствените институции. Но добро е да се знае дека во справувањето со оваа криза и со сите други предизвици никогаш нема да бидеме сами, туку секогаш ќе ја имаме поддршката и ќе бидеме дел од заедничкиот европски одговор во овој период. Важно е и што ние се наоѓаме пред самиот старт на преговорите со ЕУ и по првпат чувствуваме како да сме дел од внатрешното прашање на ЕУ и значат солидарност и поддршка за земјата кога ви е најпотребна“,
рече Османи.
Тој се заблагодари на ЕУ за помошта, како и на Канцеларијата на УНОПС во земјава која со администрацијата на СЕП овозможија непречена набавка и транспорт на опремата во земјава.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека со донацијата вредна 4 милиони евра ЕУ продолжува континуирано да ја покажува солидарноста со земјава на дело, а веќе се најавени и 40 милиони евра за социо-економското закрепнување на земјата и 160 милиони евра како заем за кој веќе е постигната согласност со Владата. Исто така, додаде, околу 330 илјади евра од проекти кои се во тек на реализација Ќе бидат пренаменети за да одговорат на потребите за справување со коронавирусот. Тој упати и апел до граѓаните за почитување на превентивните мерки.
„Имате навистина посветен медицински персонал во земјата, имате и посветени партнери кои се тука за да ви помогнат со потребната медицинска опрема. Но ни треба и посветена јавност, посветени граѓани кои ќе се однесуваат во согласност со насоките на медицинските власти – да носат заштитни маски за лице, почесто миење на раце и да држат социјална дистанца, за да им помогнеме на медицинскиот персонал, за да можеме да излеземе од карантин и да го планираме летото“,
рече Жбогар.
Според министерот Филипче, ЕУ беше една од првите што понуди помош и таа пристигна кога е најмногу потребна, а тоа е уште еден доказ дека ЕУ е наш најголем партнер.
„Овие осум респираторни машини и претходно донираните 12 кои се веќе распоредени во здравствените установи веќе се користат за третман на пациенти, а таму каде нема пациенти со ковид и за друга индикација. Еден сериозен чекор напред во смисла на зајакнување на нашиот здравствен систем посебно каде што е најпотребно, а тоа се одделенијата за интензивна нега“,
рече Филипче.
Тој додаде дека со следниот проект кој го понудила ЕУ ќе бидат опремени сите одделенија за интензивна нега во болниците ширум државата.
