На прашање на обвинителката дека еден од инспекторите на еден од долгите состаноци во МВР му рекол дека само тој вели дека Вања е киднапирана, Ѓорчевски рече дека е точно тоа што го кажал инспекторот, но оти не е точно дека само тој мислел така
Ако биле внесени регистарските таблички од возилото „ситроен” во системот на „Безбеден град” навреме, денеска во оваа судница ќе се расправаше само за убиството на велешанецот Панче Жежовски. Ова, меѓу другото, го кажа Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска на денешното рочиште.
Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во грабнувањето на девојчето, одговараше на прашање на Обвинителството.

Прашањата му ги поставуваше обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска. Таа почна првин со семејните околности и минатото на Ѓорчевски. Се задржа на тоа што подолг период не работел и го праша дали за него тоа било нормално.
Одговарајќи на прашањето, Ѓорчевски наведе по раѓањето на Вања отсуствувал од работа за да може целосно да се посвети на одгледувањето на детето бидејќи сопругата Зорица имала вродена срцева маана. Мислел дека нема да работи кратко време, но тоа се одолжило затоа што наскоро дошло и второто дете, ќерката Миња. Се издржувале со средствата што тој ги имал заштедено, а имале акумулирано и средства од свадбата како подароци.
Рече дека не работел шест години, од 2010 до 2016 година, но оти можел кога сака да се врати на работа оти бил добар работник. Едно време, како што рече, ангажирале жена да ги чува децата, но ја фатиле како им дава на децата некакви средства за смирување за да бидат мирни поради што решиле повеќе никогаш да бараат некој што би ги чувал децата.
Обвинителката го праша Ѓорчевски за неговите оценки во текот на школувањето за кои рече дека биле лоши.
На ова обвинетиот рече дека до петто или шести одделение учел заедно со Радмила Шекеринска и дека биле првенци на генерација.
„Мислам дека сакаа да ни ги сецираат мозоците за да видат што има внатре затоа што бевме толку одлични. Потоа дојдоа тинејџерските години и попуштив со учењето. Сакав да учам за ниски струи и да се занимавам со компјутерски технологии, но татко ми ме запиша во економско училиште бидејќи и тој го учел тоа и сметаше дека така ќе може да ме вработи”,
рече Ѓорчевски.
Потоа Крстевска-Јосифовска продолжи да го испрашува за неговиот однос со децата и за тоа што се случувало деновите пред грабнувањето на Вања. Рече дека има целосен увид во распоредот на часовите на двете ќерки и во секое време сакал да знае на кој час се.
На прашање на обвинителката за тоа дека Вања секој петок оди сама на првиот час, бидејќи Миња почнува од вториот час и дека така било и на 24 ноември 2023 година кога бил првиот обид за грабнувањето на девојчето, Ѓорчевски одговори потврдно.
„Да, така беше таа година, таков беше распоредот по првпат”,
рече тој.
Потврди дека Вања требало да оди сама на училиште и на кобниот ден, 27 ноември, бидејќи Миња тој ден губела час и почнувала од вториот.
На забелешка на обвинителката дека за тоа дека Вања ќе оди сама, а Миња подоцна се знаело од вечерта на 26 ноември кога помалата ќерка била известена од класната дека нема има прв час, Ѓорчевски кажа дека ја имал таа информација, но додаде дека за тоа можно е да биле известени со сопругата уште еден ден претходно, односно во саботата (25 ноември) оти се сеќава дека дискутирале за тоа.
Прашан од обвинителката дали тоа значи дека од сите обвинети само тој знаел дека Вања на 27 ноември ќе оди сама на училиште, Ѓорчевски рече: „Логично, да, јас не знам што знаеле другите обвинети, јас знаев”.
Тој одговори потврдно и на прашањето дека вечерта на 26 ноември им пишал на ќерките во вибер-групата да се облечат топло бидејќи следниот ден ќе биде многу студено. Во тој контекст обвинителката го праша дали тоа значи дека ги подготвувал како за на планина, обвинетиот Ѓорчевски рече дека тоа било нормално затоа што за 27 ноември било најавено дека ќе биде најстуден ден во годината.
„Знаејќи дека децата нема да ме ‘фермаат’, се обидов преку Зорица, таа да ги наговори. Згора на сè, како што претпоставував, тие беа тинејџерки, изгледот им беше поважен од здравјето и воопшто не нè послушале ниту мене ниту Зорица, туку си се облекле ‘фенси'”,
рече Ѓорчевски.
На прашање на обвинителката дека иако бил без работни обврски зошто отишол да ги однесе девојчињата на училиште со автомобил, Ѓорчевски рече дека помислил на тоа, но ставот на Зорица бил дека не треба повеќе да ги разгалуваат.
„Тука има уште еден момент, кога помислив на тоа, јас целосно имав заборавено дека Миња е од втор час, па кога ќе ја однесев Вања ќе требаше да се враќам да ја носам Миња”,
кажа тој.
На забелешка на обвинителката дека утрото кога му се јавила сопругата и го известила дека Вања ја нема тој веднаш се симнал облечен иако важел за, како што рече, застапничката на обвинението, поспан човек, обвинетиот одговори со контрапрашање од каде ѝ е таквиот заклучок.
„Откако бев ослободен од таквите обврските околу децата и Зорица презеде половина од одговорноста, никогаш не сум задоцнил”,
рече тој.
Посочи и примери од работа каде што успевал на време да изврши повеќе задачи, а потоа да стигне на училиште да ја пренесе Миња преку раскрсница и да се врати на работа.
„Тоа утро јас бев избезумен што и гол да се симнев пред зграда немаше да биде невообичаено”,
рече Ѓорчевски.
Испрашувањето на обвинителката потоа продолжи за делот од потрагата по Вања.
Поголем дел од прашањата се однесуваа на тоа зошто Ѓорчевски не кажал никому дека ќе оди кај негов братучед кој бил лекар за да ја бараат Вања по болници.
Ѓорчевски рече дека не е точно тоа и дека цело време бил во контакт со сопругата Зорица.
„Кога се сретнав со чичко ѝ на Зорица, јас го оставив возилото и со полицајци во цивил пребарувавме по околните гаражи. Зад мене седи едно лице кое може да ви потврди дали било така или не”,
рече Ѓорчевски.
Тој рече дека во тоа безумие не знае кога ѝ се јавил на сопругата да ја извести дека ќе оди да ја бара Вања со неговиот братучед Дарко по болници.
Обвинителката го праша и дали не е чудно тоа што потоа отишол кон граничниот премин Блаце. На ова Ѓорчевски одговори дека од пријател добил информација дека ќе се прегледуваат граничните премини, а преминот „Блаце“ и населбата Ѓорче Петров биле најблиските излези од Скопје.
Но, кога наишол на метеж кај „Александар палас“, се вратил назад.
Прашан зошто ова не го кажал во истрага, Ѓорчевски рече дека уште тогаш побарал да биде подложен на детектор за лаги, но му било кажано дека тоа во таа фаза од истрагата не е дозволено.
Рече и дека Обвинителството ја има информацијата од него.
Прашан дали однапред знаел дека нема шанси да ја најде Вања, Ѓорчевски рече дека цело време се надевал дека некој што ја зел ќе ја пушти. Но кога во вибер-групи почнале да се пишуваат сугестии дека ќе се прегледуваат камери решил да се врати.
Обвинителката се наврати на барањето на Вања со неговиот братучед по болниците и праша зошто не го предложил братучедот за сведок, Ѓорчевски рече дека Обвинителството не ги обезбедило снимките од камерите од Воена болница каде што се гледа како неговиот роднина го пречекува.
Рече дека братучедот Дарко бил едно од лицата кои биле присутни во станот додека ја барале Вања. Дали ќе биде повикан за сведок оставил на неговиот адвокат.
Прашан зошто помислил за сценариото дека Вања е грабната, Ѓорчевски рече дека не знае, но скршнувањето од рутата и исклучувањето на нејзиниот телефон сугерирале на тоа.
На прашање на обвинителката дека еден од инспекторите на еден од долгите состаноци во МВР му рекол дека само тој вели дека Вања е киднапирана, Ѓорчевски рече дека е точно тоа што го кажал инспекторот, но оти не е точно дека само тој мислел така.
„Сите беа на мислење дека Вања е киднапирана. Во полиција правеа профил на нашето семејство, со колку имот располагаме, кој колку возила има, им беше чудно што Зорица префрлила стан на мене и уште на почетокот почувствував дека се сомневаат во мене”,
рече Ѓорчевски.
Обвинителката го праша и за истрагата што ја воделе со сведокот Гоце Трајковски со кого биле во стара кумовска врска но се немале видено повеќе од 20 години.
„Во моментот кога се појави Гоце, не знаев какви контакти има во полиција и со какви пријатели располага, вклучувајќи го и оној од ‘Сејф сити’. За лицето од ‘Сејф сити’, како и некои други лица со кои контактиравме со Гоце за време на истрагата бевме замолени да не го издаваме идентитетот за да не ги изгубиме работите”,
кажа тој.
Ѓорчевски беше прашан и како од сите возила само „ситроенот” им се видел сомнителен оти чадел многу.
„Од сите снимки ви паднало чудно само едно возило, стара кола која исфрлала густ чад од ауспухот. Од снимките произлезе дека тоа возило чади исто како и другите возила што поминуваат тогаш, но вам ви беше чудно само тоа возило”,
гласеше прашањето на обвинителката.
На ова Ѓорчевски одговори дека во „Безбеден град“ испратиле многу скриншотови и дека возилото навистина исфрлало многу чад и стаклата како да му биле замрзнати.
„Се посомневаме и на уште едно возило комбе. Ако биле внесени регистарските таблички од возилото ‘ситроен’ во системот ‘Сејф’ сити денеска во оваа судница ќе се раправаше само убиството на тој велешанецот Панче Жежовски. За контактот од ‘Сејф сити’ ни беше кажано дека не може да ни кажува тајни, затоа што може да биде казнет, но дека ние можеме да му праќаме скриншотови”,
кажа Ѓорчевски.
По паузата, Ѓорчевски продолжи да одговара на прашањата на Обвинителството.