На прашањето дали има чувство дека прашањето за уставните измени е веќе оставено за решавање по локалните избори, Африм Гаши одговара негативно
Бугарија има нова влада, но не можеме да очекуваме веднаш голем успех во разговорите. Добро е што се остварува комуникација и со дијалог и отвореност, гледајќи низ призма на заеднички интерес, можеме да пристапиме кон решавање на спорот, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
„Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ. Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол“,
изјави Гаши.
Прашан дали смета дека сè уште е жива идејата за уставни измени со одложено дејствие, што е план на македонската влада, Гаши вели:
„Мислам дека сите идеи треба да бидат на маса. Ако сме креативни и креираме повеќе идеи, тоа е подобро за решавање и мислам дека треба да дојдеме до нешто што е најдобро можно во моментов. Не треба да бидеме заложници на некоја идеја или од каде доаѓа таа идеја. Треба да имаме волја да најдеме решение за спорот. Мислам дека тоа е нашиот главен интерес. Кој и да има таква идеја, еве бараме помош и од нашите пријатели во Брисел, во важните земји, јас и лично веќе седум-осум месеци ја развив таа парламентарна дипломатија која не беше во минатото развиена токму во оваа насока. Убедувајќи ги нашите пријатели да помогнат да се тргне таа последна пречка за да ги отпочнеме преговорите“.
Африм Гаши се согласува со ставот на премиерот Христијан Мицкоски искажан во Минхен, кој во присуство на еврокомесарката за проширување Марта Кос, потсети дека иако на земјава ѝ беше ветувано брзо членство во ЕУ ако се реши прашањето за името, тоа не се случи.
„Во право е премиерот Мицкоски кога го спомнува и се навраќа на Преспанскиот договор и големиот компромис кој го направивиме за да се зачлениме во ЕУ и во НАТО. Такво беше референдумското прашање. Така што, понекогаш заради динамиката на политиките и случувањата се заборава на тој момент. Навистина во ниту една држава на Балканот не е покажана способност и таков голем капацитет за компромиси“,
вили претседателот на парламентот.
На прашањето дали има чувство дека прашањето за уставните измени е веќе оставено за решавање по локалните избори, Гаши одговара негативно.
„Го немам тоа чувство бидејќи, како што реков, ние секојдневно работиме на таа тема и ако имаме денеска добро решение, таа постапка може да почне веднаш. Мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ пред изборите тоа го кажа во нивната програма, дека би пристапиле кон уставни измени ако има предвидливост“,
рече Африм Гаши во интервјуто за „360 степени“.