Уште една конфекција од Штип, шеста по ред, со околу 250 вработени, оди под клуч додека не се направи тестирање на вработените на ковид-19 откако една работничка имала позитивен тест.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, рече дека сите вработени се во домашна самоизолација и ќе користат годишен одмор. Во моментот, како што рече, 336 граѓани во Штип се ставени во самоизолација.
Тој најави дека тестирања ќе се спроведуваат секојдневно и апелираше до сите вработени во текстилните фабрики да соработуваат со здравствените работници.
Според вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од почетокот на епидемијата во Штип се регистрирани вкупно 103 случаи, а во моментов активни се 68. Бројот на оздравени пациенти таму изнесува 33, а на починати 2.
