Пожар избувна попладнево во најголемиот објект од поранешната касарна во Струмица. Густиот чад може да се забележи од далеку, а досега пожарот целосно го изгоре покривот на објектот, јави МИА.
Според граѓани кои живеат во близина на поранешната касарна, пожарот избувнал пред 17 часот.
„Слушнав сирени од противпожарните и полициските возила и кога излегов видов дека гори најголемиот објект во касарната. Таму некогаш беа сместени повеќе стотина војници и се работи за навистина голем објект. Овој дел на касарната е препуштен на забот на времето и многу граѓани слободно се движат тука“,
вели струмичанецот Мошо Лазаревски, како што пренесува МИА.
Во гаснењето на пожарот учествуваат сите возила на Противпожарната единица, а полицијата го затвори приодот кон објектот. На 25 март годинава, во пожар во поранешната струмичка касарна изгоре објектот во кој беше сместена регионалната телевизија ВИС, а големи штети претрпеа конфекциски погон и печатница.
