Кина се соочува со најголемо ширење на епидемијата од 2020 година, што ја доведува во прашање нејзината стратегија за нулта толеранција на заразени
Поради скокот на бројот на заразени со ковид-19, кинеските власти денеска воведоа карантин во североисточниот индустриски град Шенјанг, со девет милиони жители.
Кина се соочува со најголемо ширење на епидемијата од 2020 година, што ја доведува во прашање нејзината стратегија за нулта толеранција на заразени.
Градските власти во Шенјанг, во кој се сместени многубројни фабрики, меѓу кои и германскиот производител на автомобили БМВ, им наредија на жителите да останат во своите домови.
Шенјанг е главен град на провинцијата Лиаонинг, која се граничи со провинцијата Џилин, каде што е епицентарот на сегашниот бран епидемии, предизвикан од сојот омикрон.
Кинеското Министерство за здравство денеска објави податоци за 4 770 нови случаи на заразени во целата земја. Тој број е низок во споредба со другите земји во светот, но е висок за Кина и нејзината стратегија за нулта толеранција на заразени.
Кинеската економија трпи сериозен удар од стратегијата за карантин
Благодарение карантинот земјата ја потисна епидемијата пред две години, што им овозможи на Кинезите нормален начин на живот.
Сепак, оваа стратегија, која спасува човечки животи (официјално имаше 4 638 смртни случаи од ковид во Кина од почетокот на пандемијата), силно ја погодува нејзината економија.
Минатата недела, претседателот Си Ѓинпинг повика на минимизирање на влијанието на епидемијата врз економијата, но во исто време ја отфрли можноста за значително олеснување на стратегијата за нулта-ковид.
Во Шангај, каде секојдневно има стотици нови случаи на заразени со коронавирус, властите се одлучија за насочен карантин на зградите наместо општ карантин за целиот град.
Во Џилин, најтешко погодената провинција, властите вчера објавија дека пристигнале 10 000 дози од лекот против ковид на „Фајзер“ и ова е првпат „пакловид“ да се користи во Кина.
Од минатата недела во покраината се воведени ограничувања за движење. Жителите не можат да ја напуштат својата општина и во повеќе градови мораат да останат во своите домови.
Технолошката метропола Шенжен на југот на земјата, со 17,5 милиони жители, вчера најави постепено укинување на строгиот карантин, бидејќи претходно усвои мерки насочени кон намалување на влијанието врз фабриките и сообраќајот во тамошното пристаниште.
Кинеското Министерство за здравство во петокот објави дека само 51 отсто од оние над 80 години во Кина примиле најмалку две дози од вакцината. Ова е причина за загриженост, бидејќи во Хонгконг, на југ, големиот скок на бројот на заразени доведе до оптоварување на болниците и висока стапка на смртност кај постарите лица.
СЗО минатата недела објави дека во втората недела од март бројот на новозаразени е за осум отсто поголем отколку во претходната седмица.
Oд 7 до 13 март се евидентирани над 11 милиони нови случаи на ковид-19 и 43 000 смртни случаи од или со коронавирус.
Порастот, во споредба со претходната недела, посебно се забележува во регионите на Западниот Пацифик – 29 отсто, како и на Африка – 12 проценти.
