Според него, за овој случај вработените во Зоолошката градина се соочуваат со голем притисок и мобинг од надлежните во установата
Пред неколку дена две лами пцовисале во скопската Зоолошка градина, информира на својот фејсбук-профил Стефан Кирков, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.

Според него, во скопската Зоолошка градина се случува хаос и се крие информацијата за пцовисувањето на овие животни.
„Пред четири или пет дена починале две лами за кои неофицијално се раскажува дека подолго време појавувале симптоми на туберкулоза. Пред само повеќе од еден месец исто така починаа две лами за кои се знаело дека наводно боледуваат од истата болест – туберкулоза“,
пишува Кирков на Фејсбук.
Посочува дека од страна на, како што ги нарече, директорот во сенка и другиот на хартија им е наредено на вработените да не се објавуваат информациите за пцовисаните лами.
„Одат и до таму што и покрај законската обврска за овој случај да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство, тие тоа не го направиле. Така, АХВ тоа утрово го дозна од мене“,
вели тој.
Кирков наведува и дека за овој случај вработените во Зоолошката градина се соочуваат со голем притисок и мобинг од надлежните во установата.
„Имале притисок да влегуваат во живеалиштата на ламите без никаква ХТЗ или заштитна опрема. Тие реагирале дека се небезбедни бидејќи сомнежите дека животните се заболени од туберкулоза биле видливи. Овие животни не биле дилоцирани во изолација и под ризик биле изложени сите посетители, ако знаме дека туберкулозата е пренослива преку непосредна близина со заболеното животно“,
кажа советникот во Градот Скопје.
Според него, изминатите години откако градоначалничка на Скопје е Данела Арсовска и ги поставила своите, како што вели, „професионални“ кадри за директори во Зоолошката под сомнителни околности пцовисале над 40 егзотични животни.
„За ова и за се што претходно се случува во скопската Зоолошка некој мора да поднесе одговорност и да одговара. Данела Арсовска што уште ќе му направиш на Скопје“,
праша тој.
На 8 април од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека две лами пцовисале во скопската Зоолошка градина. Оттаму посочија и дека резултатите од лабораториското тестирање од едната пцовисана лама покажале дека таа била болна од туберкулоза.