Јавниот увид во Избирачкиот список може да се направи денеска до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, како и утре кога службите на Комисијата ќе работат до полноќ

Утре на полноќ завршува јавниот увид во податоците од Избирачкиот список за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври. На 13 септември, пак, завршува рокот за доставување листи за кандидати за градоначалници и за советници.
Јавниот увид во Избирачкиот список може да се направи денеска до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, како и утре кога службите на Комисијата ќе работат до полноќ.
Заклучениот список со сите промени што ќе произлезат од јавниот увид ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3 октомври.
Сите граѓани имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на информациите. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта. Со барањето, задолжително треба да се приложат и потребните докази.
Можност за увид во списокот имаат и лицата во притвор и затвор, кои своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК.
ДИК е должна да донесе одлука по барањата на граѓаните во рок од 24 часа. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот може да поднесе тужба до Управниот суд, кој исто така е должен да одлучи во рок од 24 часа.
И политичките партии имаат рок до утре да достават барање до ДИК за добивање на избирачкиот список. По приемот на списокот, кое треба да биде најдоцна до 14 септември, тие имаат пет дена да поднесат барање за промени.
ДИК по поднесеното барање одлучува во рок од три дена, а против решението на ДИК, политичката партија може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа, а одлуката треба да ја добие во наредните 24 часа.
Министерството за внатрешни работи (МВР), еден ден по завршување на увидот, доставува списоци на лица кои поднеле барање за нова лична карта, како и на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Податоци се доставуваат и од други институции, како што се органите за извршување санкции, Министерството за социјална политика и судовите, со цел ажурирање на списокот.
Изборната кампања започнува на 29 септември и ќе трае до 17 октомври. На 19 октомври ќе се гласа во 80 општини и во Градот Скопје, на 3 480 избирачки места.