По објавувањето на денешниот ковид-билтен, со 1 320 нови случаи, реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека ова е уште еден црн ден за Македонија, кога се поставува нов црн рекорд
Уште 35 смртни случаи од ковид-19 се регистрирани во последното деноноќие, со што вкупната бројка на починати во земјава од почетокот на епидемијата стигна до 3 642.
Дури 16 од починатите пациенти се од Скопје (89г,87г,82г,79г,76г,72г,70г,69г,69г,68г,68г,65г,64г,62,57,54), четворица се пациенти од Битола (78г,68г,65г,63г), тројца пациенти се од Струмица (80г,64г,62г), по двајца од пациенти од Кочани (71г,62г) и Прилеп (84г,69г) и по едно починато лице е пријавено од Куманово (53г), Тетово (69г), Гостивар (79г), Кавадарци (74г), Велес (82г), Гевгелија (34г), Крива Паланка (71г) и Демир Капија (85г).
Во последните 24 часа се направени 4 738 тестирања, а регистрирани се 1 320 нови случаи на ковид-19 во: Скопје – 604, Куманово – 80, Битола – 72, Велес – 62, Охрид – 60, Кавадарци и Штип – по 44, Прилеп – 43, Гостивар – 40, Гевгелија – 38, Тетово – 29, Струмица – 28, Неготино – 23, Струга – 20, Кочани – 19, Кичево – 18, Радовиш и Берово – по 10, Свети Николе и Крива Паланка – по 9, Ресен, Виница и Богданци – по 7, Делчево, Валандово и Крушево – по 6, Демир Капија – 5, Пробиштип, Кратово и Пехчево – по 4, Македонски Брод и Дојран – по 1.
Регистрирани се 514 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 612 694 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 126 230, бројката на оздравени пациенти е 104345, а бројот на активни случаи изнесува 18 243. Во Скопје моментно има 9 159 активни случаи, а од градовите во внатрешноста најкритично е во Прилеп, каде што има 1 030 активни случаи.
Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во вестите на Сител оцени дека наредната недела е клучна за развојот на епидемиолошката ситуација, со оглед на тоа што вирусот има циклус од шест до осум седмици. Тој рече дека не очекува ефект од евентуално засилување на рестрикциите.
По објавувањето на денешниот ковид-билтен, реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оценувајќи дека ова е уште еден црн ден за Македонија, кога се поставува нов црн рекорд.
„Ако навремено се почнеше со вакцинација, оваа бројка ќе беше помала. Ама провизиите им беа пред здравјето. И сакаат попис со вакви бројки… Баталете и попис и сѐ друго. Животот на граѓаните е на ивица, на раб, пред амбис. Оваа Влада ќе биде запишана со црни букви во историјата. Како најкриминалната и најнеспособната“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.