Смета дека земјата има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани. Во болницата во Кочани, како што додаде, се решени сите потреби за дополнителна нега, односно има и кадар и ресурси – двајца физијатри и четворица физиотерапевти, а буџетот за оваа година изнесува и 249 милиони денари
Уште 12 повредени од пожарот во т.н дискотека во Кочани се лекуваат во болниците, од кои седум се хоспитализирани во странство. Од повредените на болничко лекување, еден се наоѓа во тешка здравствена состојба. Ова денеска го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на трибината „Кочани е наш приоритет“, коментирајќи го билансот на повредените, но и кои се очекувањата на здравствениот систем во справување со последиците од оваа трагедија.

„Околу 200 лица се повредени во пожарот. Според службените податоци, 187 лица биле задржани на болничко лекување повеќе од 48 часа. Од нив, 116 се упатени во странство, а 71 повреден е лекуван во земјава“,
рече тој.
Од оние 12 пациенти што се лекуваат во болниците, по двајца има во Србија, Турција, Грција и еден во Словенија.
Во нашите болници, тројца се во Клиниката во пластична хирургија, а двајца се во „Систина“.
„Од овие 12 повредени што сè уште се лекуваат во болниците, еден е во тешка состојба“,
вели првиот човек на Фондот.
Според него, од другите повредени, има 16 што се на ПРП-третмани (плазма третмани со тромбоците или без тромбоцити), што е супериорен третман за намалување на лузните од изгорениците. Посочи дека пациент со тешки изгореници, по еден месец со третманот со плазма имал значително подобрување на состојбата.
„На преврски и слични третмани имаме 38 повредени, четворица во ‘8 Септември’, 26 се во ‘Св. Наум Охридски’. Пет се во Кочани и тројца се во ‘Систина‘. На физикална терапија се 46 лица, од кои сите се во Кочани, можно е едно лице да е во ‘8 Септември’“,
кажа Клековски.
Во болницата во Кочани, за 46 пациенти што се на физикална терапија има два физијатри и четири физикални терапевти. Во меѓувреме е формиран тим од 15 физијатри и шест физикални терапевти од Клиниката за физикална терапија во Козле и од „8 Септември“ и тие ќе бидат на располагање на испомош на Општата болница во Кочани.
Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и каков е текот на рехабилитацијата на овие пациенти.
„Досега се оценети околу 160 повредени, недостасуваат уште околу 15 повредени кои во моментот на проценка не биле достапни. И тие ќе бидат вклучени. Ова е процес кој нема да заврши брзо“,
рече тој.
Смета дека земјата има капацитет да ги организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани.
„Во болницата во Кочани моментално сите потреби за дополнителна нега се решени, односно болницата има и кадар и ресурси – двајца физијатри и четворица физиотерапевти, додека буџетот за оваа година изнесува и има 249 милиони денари. Одговорно тврдам дека правиме максимум“,
вели Клековски.
За критиките дека нема ракавици потребни за повредените, рече дека нив ги финансира „Супорт Кочани“, како и дека веќе се земени мерки и се прават.
Во однос на боледувањата, директорот на ФЗО рече дека се решаваат во од и повика доколку има каков било проблем да се обратат во подрачната служба за понатамошна регулација.
„Во рамки на законот правиме сè што е можно. Мора да нагласам дека во Фондот има подготвеност да направи сè што е во рамки на законот. Имавме шест повредени кои не беа здравствено осигурани, додека други што не беа осигурани, ги осигурале по несреќата. Законот вика дека не може да одите на боледување без шест месеци стаж. Не е логично да се очекува Фондот да го крши законот. Правиме напори да се смени законот да важи за сите“,
кажа тој.
Во однос на барањата на дел од пациентите да направат контролни прегледи во болниците во странство, каде што претходно биле лекувани, Клековски рече дека доколку имаат потреба и сакаат тоа да го сторат, ќе им биде овозможено.
„Планот сега е повредените да се вратат во болниците од каде се испратени во странство, додека сите кои имаат потреба од преврски се третираат на Клиниката, а оние на кои им е потребен третман со физикална терапија се третираат во Кочани“,
посочи директорот на ФЗО.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.