Министерот за правда Игор Филков вели дека Министерството нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите, а надлежност за извршување на пресудата има Собранието, односно во конкретниот случај Судскиот совет

Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието на Република Северна Македонија од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
Судот ја објави својата пресуда У-5.бр. 380/2025 од 15 мај 2025 година уважувајќи ја тужбата на Антоанета Димовска од Скопје, член на Судскиот совет, која беше поднесена против изборот на Дуковска.
„Управниот суд, со оглед на зголемениот јавен интерес за предметот У-5.бр.380/2025, ја известува јавноста дека Судот донесе пресуда У-5.бр.380/2025 од 15.05.2025 година, со која ја уважи тужбата на тужителот Антоанета Димовска од Скопје, а одлуката за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија бр.08-2239/1 од 10.4.2023 година на Собрание на Република Северна Македонија, ја поништи“,
стои во соопштението од Управен.
Елизабета Дуковска е судија известител за предметот поврзан со Законот за јазиците, чија подготвителна седница беше закажана за 19 јуни. Поништувањето на нејзиниот избор значи дека таа се враќа на своето претходно работно место во Апелациониот суд Скопје.
Министерот за правда Игор Филков, коментирајќи ја одлуката на Управниот суд, истакна дека таа е елемент на независноста на судската власт. Тој појасни дека Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите, а надлежност за извршување на пресудата има Собранието, односно во конкретниот случај Судскиот совет.
„Должност на Судскиот совет е согласно препораките, односно пресудата на Управниот суд, да ја повтори постапката, да ги земе во предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието“,
изјави Филков.
На прашањето за валидноста на одлуките донесени од Дуковска во изминатите две-три години како уставен судија, министерот Филков рече дека ќе треба да се почека и да се види. Тој, исто така, потврди дека не постои конкретен рок за повторен избор на уставен судија.
Според пресудата, причината поради која Управниот суд ја поништил одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд е неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет.
Во конкретниот случај, стои во пресудата, Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.
Дополнително, од увидот во записникот од седницата се утврдува дека членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат, додека, останатите два предлога биле игнорирани. Ова довело до нееднаков третман на кандидатите, нарушувајќи ја транспарентноста и законитоста на постапката, како и мерит-системот кој треба да обезбеди објективна споредба на нивните квалификации и придонес.
Судот оценил дека тужбата на Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет и воедно била и кандидат за уставен судија, е основана. Судот наложи повторно постапување согласно законските критериуми за правичност, транспарентност и еднаквост, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет.