Повеќепати досега, како што велат, испраќале дописи до градоначалничката Данела Арсовска и до Секторот за поддршка на Советот на Градот Скопје, во кои алармирале дека е неопходно итно да се пристапи кон решавање на проблемот со неповолната финансиска состојба на претпријатието и намалениот капацитет на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на главниот град. Во дописот од 19.6.2025 година побарале и разрешување на в.д. директорот Сабахадин Рустеми. Но, освен навредливи обраќања, како што додаваат, од градоначалничката Арсовска немало ниту едно конкретно преземено дејствие со цел решавање на проблемите
Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, составен од 12 члена, денеска ги негира наводите оти ја блокира работата на претпријатието, кое изминатиот период со намален капацитет ја извршува својата примарна дејност, односно собирање и транспортирање на комуналниот отпад во Градот Скопје.

Оттаму, покрај соопштение до медиумите, во прилог ги доставуваат и одлуките што одборот ги носел со цел да не се блокира работата на претпријатието.
„Сме покажале максимална кооперативност и професионалност и во текот на нашиот мандат во изминатите четири години сме ги изгласале сите планови за јавни набавки, инвестициски програми и оперативни програми и планови предложени од директорите, а со цел да не се блокира работата на претпријатието. Позитивните одлуки се усвојувани навремено од страна на Управниот одбор на ЈП ‘Комунална хигиена‘-Скопје, со што уште една ги побиваме небулозните тврдења дека на каков било начин сме го блокирале работењето на претпријатието“,
пишува во соопштението од Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.
Членовите на Управниот одбор потенцираат дека реализацијата на овие програми и планови е законска обврска на директорите на претпријатието.
Повеќепати досега, како што велат, испраќале дописи до градоначалничката Данела Арсовска и до Секторот за поддршка на Советот на Градот Скопје, во кои алармирале дека е неопходно итно да се пристапи кон решавање на проблемот со неповолната финансиска состојба на претпријатието и намалениот капацитет на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на главниот град.
„Во дописот од 19.6.2025 година побаравме и разрешување на в.д. директорот Сабахадин Рустеми. Но, освен навредливи обраќања кон нас од страна на градоначалничката Арсовска, немаше ниту едно конкретно преземено дејствие со цел решавање на проблемите“,
велат од Управниот одбор.
На почетокот на месецот Управниот и Надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ побарале од Државниот завод за ревизија да изврши вонредна ревизија во претпријатието.
Управниот одбор посочува неколку примери во кои, како што велат се преземени штетни чекори од основачот на претпријатието и назначуваните директори, што придонеле тоа системски да се уништи.
„На 13.10.2025 година, Управниот одбор го задолжи в.д. директорот на претпријатието да изврши сервисирање на специјалните комунални возила, како и да побара помош во механизација од останатите јавни градски претпријатија и сите надлежни институции, со цел да се надмине критичната состојба со собирањето на отпадот во Градот Скопје. За жал, од негова страна немаме никаква реакција, ниту постапување по нашите барања и задолженија, додека од градоначалничката Арсовска добиваме само навредливи дописи и изјави полни со невистини“,
соопштија членовите на одборот.
Друг пример за кој реагирал Управниот одбор е тоа што во ноември 2023 година тогашниот директор на претпријатието потпишува анекс на постојниот договор со ЈП „Водовод и канализација“, за кој не ги информира и со тоа ја нема законски неопходната одлука за усвојување на ваквиот документ.
„Со анексот средствата од наплатата на физичките корисници што секојдневно пристигаат на сметка на ‘Водовод и канализација‘, согласно Договорот потпишан во 2015 година, не е должно да ги префрла секојдневно на ‘Комунална хигиена‘, туку најдоцна до 10. следниот месец. За жал, ‘Водовод и канализација‘ не се придржува до овој рок и средствата ги исплаќа со уште поголемо доцнење, со што оттогаш има акумулирано заостанат долг кон ‘Комунална хигиена‘. Така, претпријатието е доведено во неповолна позиција да не може да ги користи сопствените средства“,
велат од Управниот одбор.
Откако дознале за потпишувањето на анексот, донеле одлука за негово поништување, како и одлука за мораториум на склучување секакви договори или анекси со ЈП „Водовод и канализација“.
На соопштението до медиумите се потпишани 12 члена на Управен одбор на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје: Јулијана Спировска, Ерџан Демир, Анета Гоцева, Персида Отовиќ Стојановска, Гордана Велковска, Теута Џафери, Љумние Хаскај, Мируше Лимани Јашари, Влатко Кметовски, Јане Попоски, Христина Јованоска и Тодор Шоптрајанов.
Изминатите денови скопските градоначалници самостојно се организираат за да го соберат ѓубрето од улиците.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се амнестира за состојбата за работата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.
Во објава на Фејсбук, Арсовска детално ја опиша структурата на надлежностите во претпријатието, нагласувајќи дека Советот на Град Скопје, со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, има конечна надлежност за сите одлуки поврзани со јавните претпријатија, вклучително и „Комунална хигиена“.
„ЈП ‘Комунална хигиена’ е формирано со одлука на Советот на Град Скопје, кој е надлежен за сите согласности и одлуки. Управниот одбор кој управува со претпријатието е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и е избран од истиот Совет“,
вели таа.
Според неа, претседателката на Управниот одбор е осудена криминалка за две кривични дела, и е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наградена со советничко место во општина Бутел. Посочи дека токму оваа поставеност овозможила политичка блокада на клучните одлуки.
„Функционирањето на секој директор зависи од одлуките на Управниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Кој и да е поставен директор, тој е блокиран и може да спроведува само тоа што тие ќе изгласаат“,
пишува Арсовска.
Посочи и дека Советот на градот не презел ниту една законска мерка за обезбедување непречено работење на претпријатието, ниту, пак, за разрешување на Управниот и на Надзорниот одбор, и покрај законските можности.
Според неа, политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ е неспорна, а хаосот со отпадот е резултат на намерна опструкција на одлуки со кои требало да се обезбеди редовно собирање на сметот.
