Комуниколози велат дека треба да се внимава при употребата на вештачката интелигенција за време на политичките кампањи, бидејќи колку и да е од помош, носи ризици

Не треба да сме технофоби и користењето на вештачката интелигенција во политичките кампањи не е погрешно. Сепак, политичарите треба да ја задржат автентичноста ако сакаат да им се допаднат на граѓаните, бидејќи јавноста умее да разликува.
Ова е еден од заклучоците во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1, посветена на комуниколошкиот аспект од кампањата за локалните избори, во која учествуваат универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ, универзитетскиот професор Сеад Џигал и граѓанскиот активист и аналитичар Бесим Небиу.
„Се забележува дека има партии и кандидати коишто користат вештачка интелигенција. Тоа главно се појавува на социјалните мрежи, во делот на оние текстуални пораки, но и во други форми. Тоа има некоја додадена вредност, има едно убаво чувство, накитеност на јазикот, на говорот“,
забележува Џигал.
Но, додава професорот, јазикот на вештачката интелигенција нема длабочина во него, но е алатка која може да им помогне при насочување, односно кому да се обратат кандидатите на изборите и како да ги избалансираат пораките.

И Јасна Бачовска-Недиќ се согласува со употребата на новите технологија и алатки.
„Забележувам дека се користи, ама и треба да се користи, не треба да бидеме технофоби. Сите ја користат, Западот, и тоа како, и сите ние ја користиме и одлично е. Не е сѐ уште толку совршена, ама ќе се усовршува, тој статистички алгоритам расте секој ден, секоја минута, секоја секунда и ќе стане и тоа како креативен и со длабочина, бидејќи ја има способноста“,
рече Бачовска-Недиќ.
Професорката додава дека вештачката интелигенција за консултација ја користат сите, но оти е многу важно да се внимава, затоа што таа е само во почетната фаза.

„Секако треба тука да се внимава на етичката димензија, на авторските права. За жал, ние и на општествено ниво треба повеќе да работиме на едукација. Гледаме на интернет како се нудат обуки за употреба на вештачка интелигенција над 40, над 50 години. Мислам дека младите луѓе имаат природни рефлекси како да го прават и, како што рече Џигал, исто да, и тоа како треба да се користи, меѓутоа на еден конструктивен начин“,
посочи професорката.
Според Џигал, препознатлива е употребата преку одредени зборови.
„Се бираат некои убави, габаритни зборови коишто имаат богата метафоричност, да речеме зборот ‘визија’, и мислам дека премногу се употребува, бидејќи за локални теми, не ни треба толку некакво визионерство. Ние имаме да речеме 100 работи коишто мора да се направат, да се исчистат, да се средат работите“,
дополни тој.
Бесим Небиу препознава употреба на вештачката интелигенција и кај партиите на Албанците, но предупредува дека мора да ја зачуваат оригиналноста.

„Во последните две-три години откако има ‘Чет-ГПТ’, тоа го гледаме и на социјалните медиуми. Мислам дека граѓаните наградуваат кога кандидатот е поавтентичен, односно е во својата природа, како зборува природно дома, со пријателите, со фамилијата, така да зборува општо и со јавноста и мислам дека опасно е ако со вештачка интелигенција се формираат лажни вести, лажни видеа, лажни говори. Значи, тоа е опасноста“,
посочува Небиу.
Според професорот Џигал, во име на транспарентноста, секаде каде што партиите употребуваат вештачка интелигенција, треба да има дисклејмер.
„Како што имаме во други сфери, значи, на производи во супермаркет каде што мора да бидат наведени рокови на употреба, состојки, мислам дека треба тоа како јавност и како стручна фела да го поставиме како прашање“,
рече Џигал во дебатата во „360 степени“.