Тие ја опишуваат оваа тактика како „добро позната матрица на ВМРО-ДПМНЕ, која скриена зад ЗНАМ мисли дека може да ги излаже граѓаните да заборават на нивните злодела во Центар“

Општина Центар реагира на, како што ја нарекува, „синхронизирана негативна кампања“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, опишувајќи ги нивните обиди за дискредитација на градоначалникот Горан Герасимовски како „јалови“.
Од општината истакнуваат дека Центар во изминатите три и пол години е симбол на транспарентност и чесно работење, што е потврдено со рангирањето на општината меѓу топ три најтранспарентни општини и највисок процент на реализација на програмата.
„Уплашени што сè уште не можат да најдат противкандидат на Герасимовски, тие решија да тргнат во лаги наместо конкретни понуди за центарци“,
се вели во соопштението од Општина Центар.
Тие ја опишуваат оваа тактика како „добро позната матрица на ВМРО-ДПМНЕ, која скриена зад ЗНАМ мисли дека може да ги излаже граѓаните да заборават на нивните злодела во Центар“.
Општината потсетува на „историскиот криминал на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, носењето на ДУП во 3 по полноќ, насилството врз општинските работници и рушењето на институцијата“, како и на проектот „Скопје 2014“.
„И додека ние работиме за граѓаните, да ги потсетиме ВМРО-ДПМНЕ дека нивното владеење во Центар го обележа скапиот и забеган проект ‘Скопје 2014’, кој нивните сегашни партнери, како опозиционери, жестоко го критикуваа. Но, сега молчат заради фотелји и власт“,
велат од Општина Центар.
Од општината најавуваат дека се подготвуваат за изборна кампања со проекти и идеи, истакнувајќи дека буџетот се креира во договор со жителите и дека се реализирани многу повеќе од ветувањата од изборната програма.
Оттаму ветуваат завршување на започнатите и почнување нови проекти со кои Центар ќе биде „похумано и посовремено место за живеење“.
Од општината порачуваат оти со идеи, а не со безидејни обвинувања ги чекаат противниците на локалните избори и „тогаш ќе покажеме кој знае да работи и гради, а кој само да се заканува“.
„Впрочем коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ е профит коалиција. Ние ја имаме коалицијата со центарци, а тие сметката ќе ви ја испорачаат на изборниот ден“,
се додава во соопштението од Општина Центар.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кое е дел од владејачката коалиција, денеска го обвини градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за недомаќинско работење, сомнителни јавни набавки и милионски трошоци што не дале резултати.