Имено, членката на ДИК, Дитмире Шеху, како и партијата на чиј предлог дојде за член на ДИК, смета дека упатството не може да биде донесено во основа на одлуката на Владата од септември минатата година со која беше намален бројот на советници во 14 општини, а врз основа на резулатите од пописот на населението од 2021 година
Државната изборна комисија (ДИК) денеска не го донесе упатството за пополнување образец на листи за кандидати за членови на совети на општините и на Градот Скопје. Донесувањето на упатството, условно кажано, го блокира членката на ДИК, Дитмире Шеху, која во Комисијата дојде како предлог на ДУИ, откако побара одлуката да се донесе со консензус, односно едногласно.

Во таа смисла, таа се повика на одредби на Изборниот законик, кои, како што кажа, предвидуваат член на Комисијата да може да побара вакво гласање ако одлуката се однесува на немнозинските заедници.
Поради ова, Државната изборна комисија го одложи донесувањето на упаството за неколку дена додека правната служба на Комисијата не даде мислење.
Имено, Шеху, како и партијата на чиј предлог дојде за член на ДИК, смета дека упатството не може да биде донесено во основа на одлуката на Владата од септември минатата година, со која беше намален бројот на советници во 14 општини.
Инаку, одлуката на Владата произлезе од пописот на населението кое покажа намалување на бројот на жители, поради што согласно Законот за локална самоуправа од Илинденска број 2 донесоа одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.
Членката на ДИК, Шеху, од друга страна, смета дека не треба да се брои само резидентите, туку и иселениците, односно и нерезединетното население, поради што побара Комисијата во упатството да одреди поинаков број советници од оној во владината одлука.
Според Шеху, бројот на советници во општините и во Градот Скопје се утврдува согласно Законот за локална самоуправа, а не врз основа на одлука на Владата.
„Самиот Закон вели дека Закон го регулира бројот на членови и дека тоа треба да се почитува. Самиот Закон никаде не ги дели граѓаните на резиденти и нерезиденти, сигурно на тоа се мисли во Одлуката на владата, бидејќи ја разгледав и одлуката на Владата. Никаде во самата одлука не стои дека граѓаните се делени на резиденти и нерезиденти…само бројот на членови е намален по тој основ“,
рече Шеху.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека ваквото упатство за бројот на советници во општините и во Градот Скопје за локалните избори во 2021 година било донесено врз основа на одлука на владата од 2004 година и дека ДИК нема законска надлежност да ги цени и преиспитува одлуките на другите институции.
„И минатите локални избори во 2021 година се спроведени со ваква одлука на Владата донесена во 2004 година, каде што владата го определила бројот на советници во општините, така што без разлика каква е одлуката, не влегувам дали е исправна или неисправна, таа во моментов е во правна сила. Други институции треба да ја ценат законитоста, ние не смееме тоа да го правиме“,
рече Кондарко.
Сепак тој го стави упатството на гласање, по што беше констатирано дека пет членови на Комисијата се „за“ и двајца „против“, со што упатството не може да се донесе со консензус.
„Согласно дискусијата и предлогот на Шеху, ДИК по нејзино барање може да постапува согласно точките 34д и 34ѓ, односно колешката има право да се обрати писмено до правната служба која ќе го разгледува ова прашање и во соодветен рок е должна да даде одговор со писмено мислење“,
рече Кондарко и додаде дека Комисијата ќе се наврати на оваа точка од оваа седница по завршувањето на таа процедура.
Инаку, според Законот, ако и по мислењето на правната служба на ДИК не се постигне консензус, смета дека одлуката не е донесе, а законските одредби во ваков случај дозволуваат тужба пред Управниот суд и можност за жалба пред Вишиот управен суд.
За потсетување, согласно резултатите од Пописот на населението од 2021 година, и согласно Законот за локална самоуправа, Владата во септември минатата година донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и во Студеничани, и намалување на бројот на советници во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Според пописот од 2002, Гостивар имаше над 80 илјади жители, но во 2021 падна бројот падна под 60 илјади жители.
Иако има намалување и во општини каде мнозинството го сочинуваат Македонци, од сега опозициската ДУИ сметаат дека ваквата одлука е на штета на Албанците и бара како жители да се бројат и иселениците, односно нерезидентното население. Од истите причини коалицијата предводена од ДУИ во Собранието ги блокираше и измените на Изборниот законик.