На доделувањето на наградата „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања од интерес за државата во областа на науката, Докмановиќ порача дека државата и националниот интерес во 21 век не се бранат со митинзи, со декларации, со фејсбук-статуси и транспаренти, брзоплето и неодговорно, туку со мудри и долгорочни политики со јасно пресметани цели за опстанок на земјата, со дела, а не со зборови
Инаку, Мишо Докмановиќ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а за неговите врвни резултати во научноистражувачката дејност кажува и наградата „Научник на годината“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 2013 година. Тој е најмлад добитник на оваа награда досега
Универзитетскиот професор при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Мишо Докмановиќ, ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2022 година што се доделува за особено значајни остварувања од интерес за државата во областа на науката.
Докмановиќ е добитник на наградата за делото „Сами на своето – кратка историја на македонската независност (1990 – 1993)“, која денеска му беше врачена во Собранието.

Тој на свеченоста им се заблагодари на сите оние кои придонеле за неговото дело, меѓу кои семејството, рецензентите на книгата и издавачот на книгата Фондацијата „Фридрих Еберт“, а наградата им ја посвети на сите колеги и колешки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје и на академската заедница во земјава со кои, како што рече, секојдневно се бориме за подобро образование.
Докмановиќ порача дека државата и националниот интерес во 21 век не се бранат со митинзи, со декларации, со фејсбук-статуси и транспаренти, брзоплето и неодговорно, туку со мудри и долгорочни политики со јасно пресметани цели за опстанок на земјата, со дела, а не со зборови.
„Нашето востание одамна е кренато. Денеска се бориме да бидеме еднакви со сите европски народи“,
потенцира Докмановиќ.
За време на свеченоста, претседателот на Македонската академија за науките и уметностите (МАНУ), академик Љупчо Коцарев, кој е и претседател на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ му ја врачи наградата на Докмановиќ, порачувајќи дека за да опстоиме, за да се спротивставиме на минливоста науката треба да прерасне во вистински водич на иднината на земјава.

„На Македонија денес науката и е потребна повеќе од кога било од две причини. Еднаш и засекогаш треба да се обединиме во целост околу научните факти, признаени од светската наука со кои се потврдува дека македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет се автохтони категории. Нагласувајќи дека македонскиот јазик, како впрочем и сите други јазици, не само словенските, има свој просторен и свој временски, да бидам прецизен, милениумски континуитет“,
нагласи првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Научно-истражувачката дејност во земјава, според Коцарев, е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум. Посочи дека има појава на квазинаучни трудови, трудови што целосно се плагијати, купени магистерски и докторски тези, а секторот наука, како што рече, е системски планирано и намерно уништуван од независноста до денес.
Коцарев додаде дека на земјава и е неопходна Национална стратегија за развој што ќе биде подготвена во синергија од МАНУ, универзитетите и стопанските комори, а која денешната и идните влади ќе бидат обврзани да ја имплементираат.
Инаку, Мишо Докмановиќ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде ги предава предметите историја на правото и современа македонска историја на додипломските студии и предметите Балканот и американската дипломатија, Дипломатски протокол и Историја и дипломатија на Блискиот Исток на последипломските студии.
За врвните резултати во научноистражувачката дејност д-р Докмановиќ е добитник на наградата „Научник на годината“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2013 година, со што станува најмлад добитник на оваа награда досега.
Докмановиќ е претседател на Македонско – американската алумни асоцијација, претседател на Управниот одбор на Институтот за стратегиски истражувања и едукација – ИСИЕ. Член е на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Од октомври 2017 година проф. д-р Докмановиќ е член на Делегацијата на Република Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.
Тој е автор и коавтор на преку 70 научни и стручни трудови, објавени во референти списанија во земјата и странство на англиски и француски јазик. Проф. Докмановиќ е автор на првиот универзитетски учебник за американската надворешна политика објавен на македонски јазик – „Балканот и американската дипломатија во XX век“. Член е на повеќе меѓународни здруженија вклучувајќи го Европското друштво за компаративна правна историја.