Миланов вели дека од почетокот на годинава, преку Одделението за заштита на потрошувачите се поднесени повеќе од 360 иницијативи за инспекциски надзор

Повеќе од 12 000 инспекциски контроли на храната се спроведени во земјава од почетокот на годинава само во домашниот промет, при што се уништени околу 56 тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло. За утврдените недоследности се изречени 1 325 мерки, вклучувајќи 260 парични казни и привремени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави.
Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на денешната трибина за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната, организирана во соработка со Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), по повод Светскиот ден на безбедна храна, 7 јуни.
Миланов нагласи дека се вршат и дополнителни контроли за секоја пратка која се увезува во земјава.
„Од почетокот на годинава како небезбедни вратени се 10 пратки, најголемиот дел поради увоз од забранети региони/држави. Уништена е една пратка со храна од животинско потекло со тежина од 207 тони, а како небезбедни уништени се и околу 30 тони храна од неживотинско потекло, повеќе од половината небезбедна минерална вода од увоз, поради бактериолошка загаденост, недоволна јодираност на сол и утврдени остатоци од пестициди во зеленчук“,
рече Миланов.
Директорот Миланов посочи дека во синџирот на безбедна храна, покрај науката, институциите и операторите, многу важна алка се и граѓаните, кои често алармираат за недоследности. Од почетокот на годинава, преку Одделението за заштита на потрошувачите се поднесени повеќе од 360 иницијативи за инспекциски надзор.
Тој рече дека најчесто пријавувани недоследности поврзани со безбедноста на храната се за непочитување на добрата хигиенска пракса (ДХП) и НАССР, за што имало 36 иницијативи, за продажба на производи со поминат рок на употреба имало 26, за работа без одобрение биле 24.
Освен за ова, Миланов вели дека граѓаните поднесувале иницијативи и за присуство на контаминенти во производ, сомнеж за труење со храна, продажба на производи со променети органолептички својства, измама на потрошувачи, а имало пријави и за сомнежи во квалитетот на производот.
Тој рече дека по најголемиот број од овие пријави е постапено.
Миланов, исто така, потсети дека одговорноста за безбедноста на храната е заедничка – од државата, која ги креира политиките и спроведува контроли, до граѓаните како крајни потрошувачи. Тој предупреди на глобалните последици од небезбедната храна.
„Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од небезбедна храна, а за нивно лекување се трошат околу 15 милијарди долари. Од небезбедна храна луѓе и умираат, а нивниот број годишно се движи околу 420 000“,
рече тој.
Опасностите од небезбедната храна не познаваат граници и во услови на интензивна глобална трговија, ризиците брзо може да прераснат во меѓународна вонредна состојба.
Учесниците на трибината порачаа дека е клучно државите да инвестираат во истражување, програми за идентификување на ризици, безбедно ракување и складирање на храната, како и континуирана едукација на вработените и граѓаните од најрана возраст.