УНХЦР вчера објави дека во 2023 година околу 6,4 милиони Сиријци ја напуштиле земјата, од кои 5,1 милиони живеат во соседните земји – Египет, Ирак, Јордан, Либан и Турција. Во Турција сместени се 3,2 милиони Сиријци, во Либан 784 900, во Германија 705 000 и во Јордан речиси 650 000, додека внатрешно раселени се 7,2 милиони луѓе
Агенцијата за бегалци на Обединети нации (УНХЦР) денеска соопшти дека сириските бегалци сè уште не се враќаат во татковината.
„Околу 3 000 повратници ја преминале турската граница од минатиот викенд, кога падна режимот на Башар ал Асад. Претходниот ден 2 000 повратници ја минаа границата од Либан“,
изјави претставникот на УНХЦР, Гонзало Варгас Љоса, преку видеоврска од Дамаск.
Тој додаде дека голем број сириски бегалци го одложуваат своето враќање поради тоа што во Сирија сè уште не се воспоставени законот и редот. Според Љоса, повратниците сакаат не само мирна политичка транзиција и помирување по годините на граѓанска војна, туку и меѓународна помош за обнова на земјата.
УНХЦР вчера објави дека во 2023 година околу 6,4 милиони Сиријци ја напуштиле земјата, од кои 5,1 милиони живеат во соседните земји – Египет, Ирак, Јордан, Либан и Турција. Во Турција сместени се 3,2 милиони Сиријци, во Либан 784 900, во Германија 705 000 и во Јордан речиси 650 000, додека внатрешно раселени се 7,2 милиони луѓе.
Според ОН, 13 милиони луѓе, што е повеќе од половина од сириското население, се соочуваат со недостиг на храна. Приближно 96 отсто од населението живее со помалку од седум долари на ден. Војната ја уништи клучната инфраструктура на земјата, од здравствената заштита до канализациските системи и електричните мрежи. Минатата година над 40 отсто од болниците не се целосно функционални.