До крајот на минатата година рекордни 78,5 милиони лица ширум светот ги напуштиле своите домови бегајќи од војните и прогонствата, што е своевиден рекорд во оваа турбулентна деценија на раселувања, објавија денеска Обединетите нации.
„Бројката од речиси 80 милиони, што е највисока досега откако оваа статистика систематски се води во УНХЦР, е причина за голема загриженост. Тоа е приближно еден процент од светската популација“,
изјави високиот комесар за бегалци Филипо Гранди.
Во 2019 година бројката е зголемена за девет милиони во однос на претходната година и е приближно двојно поголема од раселените 41 милиони лица во 2010 година, и покрај тоа што ограничувањата воведени заради пандемијата на коронавирусот го забавија ова движење, пренесува агенцијата на ОН.
Сиријците, Венецуелците, Авганистанците, Суданците на југот на земјата, Рохинџите што бегаат од Мјанмар, се наоѓаат на врвот на листата бегалци, баратели на азил и раселени лица, се вели во годишниот извештај на УНХЦР.
Кон овие фрапантни бројки свој придонес имаат и кризите во Конго, Јемен и Судан, како и африканскиот регион Сахел, погодени од конфликти и климатските промени.
Ова е прв годишен извештај на УНХЦР во кој се опфатени и 3,6 милиони Венецуелци, кои од 2015 година ја напуштиле својата земја поради кризата.
Додека во текот на 90-тите години на минатиот век во просек годишно дома се враќале по 1,5 милион бегалци, оваа бројка во текот на изминатата деценија опадна под 400 000 лица.
Речиси 73 проценти од бегалците бараат азил во некоја соседна земја, што се разликува од распространето мислење дека повеќето одат на Запад.
„Ова е знак на сериозноста и долготрајноста на конфликтите, појава на нови судири и немоќта на меѓународната заедница, вклучувајќи ги и институциите како Советот за безбедност, да се справат со овие конфликти“,
рече првиот човек на УНХЦР на прес-конференцијата.