ОН оценија дека се работи за една од најбрзо растечките раселувања и хуманитарни кризи досега
И додека во Украина продолжуваат нападите, ОН известуваат дека повеќе од 4,9 милиони Украинци досега ја напуштиле земјата поради војната.
Бројката со која располага светската организација е 4 934 415 луѓе – главно жени и деца – кои заминале од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, објави агенцијата АФП повикувајќи се на агенцијата за бегалци УНХЦР.
Меѓународната организација за миграција на ОН вели дека речиси 215 000 државјани на трети земји – главно студенти и работници мигранти – исто така избегале во соседните земји.
Тоа значи дека повеќе од пет милиони луѓе вкупно ја напуштиле Украина од почетокот на војната, една од најбрзо растечките раселувања и хуманитарни кризи досега.