Владата вели дека нема намера да ги затвора школите и дека животот мора да продолжи со други превентивни мерки
Во Унгарија денеска е регистриран рекорден број нови случаи на коронавирус – 916, најмногу од почетокот на пандемијата.
Порстот на новите случаи се поврзува со отворањето на училиштата, имајќи предвид дека од 1 септември унгарската Влада ги затвори границите за странци со неколку исклучоци. Огрничувањата кои во земјата беа на сила од почетокот на пандемијата доведоа земјата до сега да биде со околу 50-тина нови случаи дневно.
Иако бројот на заразени расте, сепак има релативно малку починати од ковид-19 во Унгарија. Само двајца постари пациенти со хронични заболувања починале од компликации поврзани со коронавирус во изминатите 24 часа.
Владиниот штаб за борба против коронавирусот соопшти дека во моментот има 7 134 активни случаи во земјата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој присуствуваше на денешниот состанок на Штабот, рече дека училиштата остануваат отворени и животот мора да продолжи, со воведување други превентивни мерки.
„Здравствениот систем е подготвен да управува со нов бран на пандемијата, со повеќе од 10 000 слободни кревети“,
рече тој, додавајќи дека граѓаните мора да ги почитуваат правилата за контрола на пандемијата, како што е задолжителното носење маски во јавниот превоз.
„Можеме да управуваме со училишта, Од 1 октомври ќе воведеме задолжително мерење на температурата на влезот во училиштата“,
рече Орбан во видео – изјавата на неговата Фејсбук страница.
Орбан најави дека Владата ќе воведе ограничување на цената за тестирање на коронавирус.
Во приватните клиники, тестирањето за коронавирус чини до 100 евра во Унгарија, а бесплатното тестирање во јавните здравствени установи е побавно и потешко да се добие.
„Унгарија мора да ги заштити своите граѓани, вклучително и најранливите, односно старите лица, но економијата не смее повторно да се затвори“,
повтори Орбан.
Од почетокот на пандемијата, коронавирусот е потврден кај 11 825 лица, а 633 лица починале како последица на болеста.