Според неименуваните извори, унгарската влада се заканува дека ќе ги укине санкциите против тројца руски олигарси: Алишер Усманов, Пјотр Авен и Виктор Рашников
Неименувани дипломати тврдат дека Унгарија се заканува дека ќе го блокира продолжувањето на санкциите на Европската Унија против Русија, јавуваат агенциите, пренесува МИА.
Според неименуваните извори, унгарската влада се заканува дека ќе ги укине санкциите против тројца руски олигарси: Алишер Усманов, Пјотр Авен и Виктор Рашников.

Тие се наоѓаат на списокот од речиси 1 200 лица кои беа санкционирани од ЕУ поради нивната поддршка на руската инвазија на Украина и чии средства се замрзнати, а исто така им беше забранет и влез во ЕУ.
Санкциите против нив истекуваат доколку не бидат продолжени до 15 септември.
Според тврдењата на дипломатите, ЕУ денеска се надеваше дека ќе го има договорот од сите 27 земји членки за продолжување на санкциите. Но, одлука за тоа треба да донесат, односно да се согласат сите, што значи дека сега се потребни повеќе преговори.
Дипломатите на ЕУ истакнуваат дека унгарскиот премиер Виктор Орбан сè уште има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и неколкупати последните месеци ги блокираше предлозите за продолжување на санкциите против Москва.