Членовите на мисијата на УНЕСКО извршиле увид и сметаат дека е потребна реконструкција, но да нема никакво проширување кејот
Парите што Владата ги намени за овој проект се дел од средствата што ТАВ ги обезбеди за карго-аеродром во Штип, но со владина одлука тие беа пренаменети за 99 инфраструктурни проекти низ 75 општини
Во нацрт-извештајот на УНЕСКО се оспорува и најавената реконструкција на кејот „Македонија“ покрај Охридското Езеро, проект кој подолго време го најавуваше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, а Владата пред две недели на седница одвои 38 милиони денари (600 илјади евра) за негова реализација.
Членовите на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство извршиле увид во овој дел и, иако сметаат дека е потребна реконструкција, наведуваат дека сегашниот проект дополнително би им наштетил на Охридското Езеро и на подрачјето во целина.
„Мисијата смета дека сегашниот проект предвидува масивна бетонска конструкција и неоправдано проширување на кејот за околу 1,5 метар, со што дополнително ќе се навлезе во езерото. Мисијата смета дека сегашниот проект ќе предизвика дополнително влошување и негативно влијание врз местоположбата. Проектот треба да се модифицира за да се реконструира кејот без никакво проширување“,
се вели во нацрт-извештајот.
Владата пред две недели донесе одлука наместо за карго-аеродром во Штип, средствата обезбедени од ТАВ да ги пренамени за 99 инфраструктурни проекти низ 75 општини. Од вкупно планираните 49 милиони евра, со владина одлука беа прераспределени 35 милиони евра. Од нив, Општина Охрид доби 38 милиони денари (околу 600 илјади евра) за реконструкција на охридскиот кеј.
Тогаш, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, изјави дека се прават напори во соработка со Владата да се обезбедат уште дополнителни 45 милиони денари, со што целосно ќе се затвори финансиската конструкција за овој капитален проект.
Од секторот за урбанизам на Општина Охрид најавија дека со реконструкцијата е предвидено да се опфати должина од 992 квадратни метри на крајбрежниот дел во градската зона. Предвидено е да биде изведена заштитна потпорна конструкција, како и отстранување на постоечките бекатон-плочки и поставување слој од полупропусен цемент врз кој ќе бидат поставени гранитни плочи.
Георгиески најави дека реконструкцијата на кејот се очекува да започне во пролетните месеци од 2021 година и да трае околу една година.
Нацрт-извештајот на УНЕСКО забележува и што сè уште не донесен новиот законот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Се нотира дека Владата го повлекла предлог-законот од политички причини и засега нема временска рамка за тоа кога тој повторно ќе се достави до Собрание за парламентарна дебата.
Во нацрт-извештајот се вели дека недоволната комуникација и координација меѓу сите надлежни институции и на централно и на локално ниво доведува до бавно или многу слабо реализирање на препораките.
„Сите учесници во процесот се со спротивставени визии и приоритети за регионот, вклучувајќи ги надлежните институции, агенции, како и централната и локалната администрација, меѓу кои недостига соодветна координација, но и недоволна комуникација со невладиниот граѓански сектор. Ова резултираше со инфраструктурни проекти од големи размери, често финансирани или поддржани од меѓународни донатори без соодветна проценка на нивните влијанија врз универзалните вредности на подрачјето. Несоодветното планирање предизвикува закани и претставува потенцијална опасност врз подрачјето со можност за појава на нерегуларни конструкции и активности“,
се вели во нацрт-извештајот.
Мисијата констатира дека е потребно зајакнување на меѓуграничната соработка со Албанија, и тоа би било клучно за обезбедување соодветни мерки не само за заштита на Охридското Езеро, туку и за поширокиот регион, вклучувајќи го и Преспанското Езеро.