Во овој случај проблематично беше вонредното унапредување на Сашко Лафчиски од бригаден генерал во генерал-мајор, како предуслов да биде назначен за началник на Генералштабот на Армијата
Мисајловски, сепак, признава дека има потреба или од автентично толкување или од законски измени за да се прецизираат одредени одредби

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека сè што имале поврзано со постапките за унапредувањето и назначувањето на Сашко Лафчиски за началник на Генералштабот на Армијата е доставено до медиумите.
Тој додаде дека од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која отвори постапка за унапредувањето на Лафчиски, сè уште немаат добиено одговор.
„Но, јас сакам да уверам дека постапката е целосно запазена. Таа не произлегува директно од министер. Поставување генерали, знаете, доаѓа од претседател на држава“,
рече Мисајловски.
Во овој случај проблематично беше вонредното унапредување на Лафчиски од бригаден генерал во генерал-мајор како предуслов да биде назначен за прв човек на војската.
Мисајловски: Не може пониски звања да оценуваат и унапредуваат генерал, на пример, полковници итн. Јасно е дека унапредувањето е чисто како солза. Еве, сите материјали, сите документи, сите постапки што ги имавме ги дадовме до сите институции. Мислам дека таков е начинот.
„360 степени“: Ако именувањето е во ред, тогаш треба минимум да се иницираат промени на законите за да се прецизираат некои процедури, бидејќи очигледно е дека има дискрепанција.
Мисајловски: Во делот на толкувањето можеби сте во право, толкување на законот во различни закони. Тука сте можеби во право и тоа ќе го направиме дали со автентично толкување или со промена на законот, еве, во прва пригода. Го прифаќам сето ова, но јас ве убедувам дека е кристално јасно и чисто за неговото унапредување.