Во селото Долно Српци мажот насилно влегол во куќа и украл ловечка пушка калибар 16 мм и две туби со гориво. Во истото село со пушката пукал кон 22-годишник и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години, а на влез од село Вашарејца се обидел да пука кон полициски службеници, но не успеал
Битолската полиција приведе и поднесе кривична пријава против 29-годишник од село Ангелци, Василево, поради сомнение дека во рок од пет дена во јули годинава сторил неколку кривични дела, меѓу кои две убиства во обид.

Од МВР информираат дека 29-годишниот Г.П. во период од 2 до 7 јули влегол во две викенд-куќи во битолското село Крклино од каде што не одзел ништо, но причинил материјална штета, додека во селото Долно Српци во Могила, насилно влегол во куќа и украл ловечка пушка калибар 16 мм и две туби со гориво. Во истото село, на 7 јули со пушката пукал кон 22-годишник и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години.
„Потоа на влез од село Вашарејца се обидел да пука кон полициски службеници, но не успеал, по што тие пукале и го погодиле во ногата, по што бил лишен од слобода“,
информираат од МВР.
Против 29-годишникот е поднесена кривична пријава поради основи на сомнение за сторени две кривични дела убиство во обид, три тешки кражби и едно кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи.