Командантот на украинските сили, генералот Валериј Залужњи, во разговор со началникот на Генералштабот на армијата на САД, генерал Марк Мили, рекол дека украинските сили успеале да ја преземат стратегиската иницијатива
Украинските сили напредуваат полека, но сигурно на линиите на фронтот во источниот и југоисточниот дел на земјата, како и околу градот Бахмут, кој стана точка на една од најжестоките битки меѓу армиите на Киев и Москва, велат високи воени претставници на Украина, пренесува Ројтерс.

„Украинските одбранбени сили продолжуваат со офанзивната акција и постигнавме напредок. Непријателот дава силен отпор, но има значителни загуби“,
напиша украинскиот генерал Валериј Залужњи на Телеграм.
Украинскиот генерал, како што пренесува Ројтерс, разговарал со началникот на Генералштабот на војската на САД, Марк Мили, кому му рекол дека украинските сили успеале да ја преземат стратегиската иницијатива.
Во разговорот со Мили, генералот Залужњи посочил и на оружјето што им е потребно на украинските сили, како и на опремата за деминирање. Имено, украинските власти претходно соопштија дека големи делови од територијата каде што во тек е нивната контраофанзива се минирани, што претставува сериозна пречка за било каков посериозен напредок.
Новинската агенција Ројтерс, исто така, објави дека заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар, говорејќи на националната телевизија, посочила на напредок во секторите на југот на земјата меѓу окупираните градови Бердијанск и Мариупол.
„Секој ден има напредок. Да, напредокот е бавен, но сигурен“,
рекла Малиар.
Заменик-министерката го посочила повторното заземање на селото Ривнопол на југоистокот на Украина оваа недела и истакнала дека операциите таму се завршени и дека армијата сега е добро вкопана на своите позиции.
Според украинскиот воен аналитичар Олександер Мусијенко, чија изјава ја пренесува „Гардијан“, придобивките на Киев во околината на Бахмут веројатно се увертира на плановите за заземање други области, меѓу кои и градовите Авиивка и Марјинка.
„Нема смисла да се влезе во самиот Бахмут сега. Ризикот е премногу голем. Но, на исток Украина постепено ја презема иницијативата. Украина ги подобри своите тактички позиции без да ангажира дополнителни резерви“,
изјавил Мусијенко за украинското НВ радио.