Дека се вршат претреси во неговиот дом, преку објава на социјалните мрежи, потврди и Андриј Јермак, кој напиша дека соработува со истражителите на кои им е даден целосен пристап до неговиот стан
Украинските служби за борба против корупцијата од утрово спроведуваат истражни дејствија во канцелариите и домот на Андриј Јермак, влијателниот шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавуваат светските агенции.

Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) во заедничка изјава соопштија дека нивни екипи вршат овластени претреси поврзани со истрага. Во соопштение на двете служби не е конкретно наведено за каква истрага станува збор ниту, пак, се споменува шефот на кабинет на украинскиот претседател, но се наведува дека се вршат претреси во врвот на кабинетот на претседателот на Украина.
„НАБУ и САПО спроведуваат истражни дејствија (претреси) во врвот на кабинетот на претседателот на Украина. Истражните дејствија се овластени и се спроведуваат во рамките на истрага“,
се вели во соопштението на двете служби, пренесе „Гардијан“.
Во врска со акцијата се огласи самиот Андриј Јермак, кој во објава на социјалните мрежи потврди дека се вршат претреси во неговиот дом.
„Денеска НАБУ и САПО навистина спроведуваат процедурални дејствија во мојот дом. Истражителите немаат никакви пречки. Даден им е целосен пристап до станот, моите адвокати се на самото место и комуницираат со полицајците. Соработувам со истражителите“,
напиша тој на платформата Икс.
Сьогодні НАБУ і САП дійсно проводять процесуальні дії у мене вдома. Жодних перешкод у слідчих немає. Їм було надано повний доступ до квартири, на місці – мої адвокати, які взаємодіють із правоохоронцями. З мого боку – повне сприяння.
— Andriy Yermak (@AndriyYermak) November 28, 2025
Во меѓувреме, украинскиот весник „Правда“ објавија снимки од десетина припадници на НАБУ и САПО како влегуваат во владините простории, каде што се наоѓаат канцелариите на Јермак.
Ukrainian anti-corruption investigators are conducting a search at the Kyiv residence of Presidential Chief of Staff Andriy Yermak, according to FT. The investigation relates to suspected corruption in the energy sector.
— NOELREPORTS 🇪🇺 🇺🇦 (@NOELreports) November 28, 2025
Yermak confirmed the search, saying NABU and SAPO have… pic.twitter.com/QNYkoDA67W
Дописникот на „Фајненшл тајмс“ од Киев, Кристофер Милер, повикувајќи се на свои извори, објави дека претресите во домот на шефот на кабинет на Зеленски се поврзани со случајот „Мидас“ – голема корупциска афера поврзана со украинскиот енергетски сектор.
My sources tell me the searches are at the Kyiv home of Andriy Yermak, the head of President Zelensky's office, are connected to the "Midas" investigation – the sweeping probe into alleged graft in Ukraine's energy sector. NABU confirms in its own statement now that… https://t.co/T9ack72bHF pic.twitter.com/mwWhzjDdFa
— Christopher Miller (@ChristopherJM) November 28, 2025
Директорот на НАБУ, Семен Кривонос, пред три дена, односно на 25 ноември, изјави дека верува оти во истрагата за скандалот со корупција во енергетскиот сектор ќе бидат опфатени нови осомничени.
Новинската агенција Ројтерс претходно овој месец објави дека двете служби водат сеопфатна истрага за организирана шема на корупција во главната компанија за атомска енергија во Украина, каде што било земано мито од 100 милиони долари, а во која е вмешан и поранешен деловен партнер на претседателот Зеленски.
Иако Јермак официјално не е именуван како осомничен во истрагата, опозициските пратеници, како и некои членови на партијата на Зеленски побараа негово разрешување, во рамките на најтешката политичка криза во Украина која доаѓа додека земјата е во војна.
Претходно оваа година Украина беше зафатена од политичка криза поради контроверзните планови на Зеленски за реформирање на службите за борба против корупцијата. Плановите не се реализираа по силните критики од Европската Унија и другите западни партнери на Украина.
Европската Унија инсистира дека борбата против корупцијата останува една од клучните задачи на Украина на нејзиниот пат за приклучување на Унијата.
Претресите во канцелариите и домот на Јермак доаѓаат во тежок момент за Украина, која се соочува со голем притисок од САД да се согласи на мировен договор со Русија, а секоја перцепција за неодговорно работење на врвот на владата би можело дополнително да ја поткопа позицијата на Украина.
