Тој изрази и надеж дека воена инвазија нема да се случи и кризата ќе се надмине

Министерот за одбрана на Украина, Алексеј Резников, изјави дека нема основа за воведување воена состојба во земјата, пренесуваат украинските медиуми.
„Сигурен сум дека во моментов нема апсолутно никаква причина да се воведе таквата одредба за посебен правен режим. Само за да се регулира или нормализира медиумската атмосфера, тоа во никој случај не може да се направи“,
рече Резников за украинската телевизија ICTV одговарајќи на прашањето дали треба да се очекува воена состојба.
Тој изрази и надеж дека воена инвазија нема да се случи и кризата ќе се надмине.
„Јас сум апсолутно мирен и убеден дека ќе ја преживееме оваа криза. Пред сè, таа е навистина информативна. Но, воена состојба се воведува доколку има директна агресија, како инвазија. Се надевам дека таква инвазија нема да се случи и затоа сè ќе биде во ред“,
додаде Резников.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц вчера изјави дека неговото семејство останува во главниот град. Тој, исто така, заминувањето на дипломатите од голем број западни земји во врска со ситуацијата околу Украина го нарече „голема грешка“.