Шефот на украинската дипломатија смета дека Русија не покажува подготвеност за сериозни преговори

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на Минхенската безбедносна конференција изјави дека завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина е „нереално“ без американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој на панелот „Во фокус – безбедносните гаранции за Украина“ посочи дека во Абу Даби се одржаа три рунди разговори во трилатерален формат – Украина, САД и Русија.
„Напредуваме и благодарни сме на нашите американски пријатели, бидејќи без Трамп е нереално да се стави крај на оваа војна. Под американско водство, можеме да постигнеме напредок, но во исто време мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија“,
рече Сибиха.
Шефот на украинската дипломатија смета дека Русија не покажува подготвеност за сериозни преговори.
„Наместо тоа, украинската страна има остварливи предлози. Она што сега го имаме е дека Американците се вклучени во процесот, што е одлично. Под личното водство на Трамп, имаме шанса да ги забрзаме мировните напори. Украина е подготвена со своите изводливи предлози. Секако, нема мировни договори на сметка на нашиот територијален интегритет и суверенитет“,
кажа Сибиха.
Тој, исто така, изрази надеж дека следната рунда разговори ќе се фокусира на акција, а не на реторика.
