Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска пред новинарите негираше дека е донесена одлука Путин да присуствува на состанокот на Г20
Главниот украински обвинител Андриј Костин денеска изјави дека добил разузнавачки информации оти рускиот претседател Владимир Путин би можел да присуствува на самитот Г20 во Бразил следниот месец, па затоа ги повикал тамошните власти да издадат налог за негово апсење доколку се појави на средбата.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) издаде налог за апсење на Путин во март 2023 година, околу една година по рускиот напад врз Украина, обвинувајќи го за военото злосторство – киднапирање и депортација на деца, јавија британските медиуми.
Кремљ го отфрли барањето на МКС како ништовно.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска пред новинарите негираше дека е донесена одлука Путин да присуствува на состанокот на Г20.
„Кога ќе биде донесена одлуката ќе ве информираме“,
додаде Песков.
Украинскиот обвинител Костин рече дека е важно меѓународната заедница да биде обединета и да бара одговорност од Путин.
Тој додаде дека е обврска на бразилските власти според Римскиот статут, со кој е основан МКС, да го уапсат Путин доколку се осмели да дојде на самитот.
Според него, ова ќе го докаже статусот на Бразил како демократска држава во која владее правото, додека во спротивно тоа ќе создаде преседан што значи дека лидерите обвинети за злосторства можат неказнето да патуваат.
Бразил испрати стандардна покана до Путин за учество на самитот на Г20 во Рио де Жанеиро на 18-19 ноември, но не доби потврда за неговото доаѓање, изјавија двајца бразилски владини претставници.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во декември минатата година изјави дека не може да му даде никакви лични гаранции на рускиот претседател Владимир Путин дека нема да биде уапсен доколку на Самитот на Г20 во Рио де Жанеиро.
„Дали Путин ќе биде уапсен во Бразил поради налогот издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства во Украина, не е во надлежност на бразилскиот претседател. Дали ќе биде уапсен кога ќе пристигне? Можеби, можеби не. За тоа ќе одлучи судството“,
рече тогаш Лула да Силва.