Гувернерот на Днепропетровската област, Валентин Резниченко, изјави дека поради силните ракетни напади во текот на ноќта, делови од Никопол останале без електрична енергија, a во гранатирањето во Марганец оштетени се десет станбени објекти
Украинските власти денеска соопштија дека во руски ракетни и артилериски напади погодени се градови и области во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје.
Гувернерот на Днепропетровската област, Валентин Резниченко, изјави дека поради силните ракетни напади во текот на ноќта, делови од Никопол останале без електрична енергија, a во гранатирањето во Марганец оштетени се десет станбени објекти.
Во градот Запорожје, на околу 40 километри од нуклеарната централа, синоќа при гранатирање две лица се ранети, изјави членот на градскиот совет Анатолиј Куртев.
Украинскиот оператор на нуклеарна централа Енергоатом вчера објави дека периодичното гранатирање ја оштетува инфраструктурата на централата.
„Постои ризик од истекување на водород и посипување на радиоактивни материи, а ризикот од пожар е голем“,
се наведува во соопштението.
Локалните власти во Запорожје минатата недела почнаа да дистрибуираат таблети со јод на жителите кои живеат во близина на електраната, во случај да бидат изложени на радијација.
Руската армија ја зазеде нуклеарната централа Запорожје и околината на левиот брег на Дњепар кратко време по почетокот на нејзината инвазија врз Украина на 24 февруари. Украинските вооружени сили ги контролираат Никопол и Марганец – два града на десниот брег на таа широка река, од кои секој е десет километри од централата.