Цел на крстаречките ракети, кои според локалните власти биле истрелани од руски бомбардери, бил воениот аеродром во украинскиот западен регион Кмелницки. Вчера руските сили гранатирале девет населени места во регионот Суми, при што се слушнале над 140 експлозии
Украинската противвоздушна одбрана утрово соборила 13 руски крстаречки ракети кои целеле кон воениот аеродром во западниот регион Кмелницки, соопшти украинското воздухопловство.

Ракетите, како што се соопштува, биле истрелани од руски бомбардери од областа на Каспиското Море, пренесува Ројтерс.
Вршителот на должноста гувернер на регионот, Серхиј Тјурин, рече дека нападот бил насочен кон аеродромот „Вијск“ во близина на регионот Кмелницки.
Ракетите биле лансирани од неколку бомбардери „тупољев ТУ-95“, изјави тој на Телеграм додавајќи дека тие биле пресретнати главно во целниот регион.
Повикувајќи се на воената администрација на украинскиот североисточен регион Суми, „Киев индепендент“ објави дека руските сили вчера гранатирале девет населби во регионот, при што се слушнале над 147 експлозии, пренесува „Гардијан“,
Областа, како што се наведува, била гранатирана во повеќе од 20 наврати, а во нападите е повредено едно лице, а оштетени се станбени згради, инфраструктура за вода и други објекти, се вели во објавата на локалната администрација.
Се наведува дека биле користени минофрлачи, артилерија, мини и напади од воздух.
Откако делови од Суми беа ослободени од руските сили во април минатата година, регионот е постојана цел на гранатирања и напади од другата страна на границата со Русија.
Од друга страна, Русија денеска соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила беспилотно летало над јужниот руски град Курск, во близина на границата од Украина, соопштил регионалниот гувернер Роман Старовоит.
Тој на Телеграм изјавил дека системот за противвоздушна одбрана во регионот дејствувал двапати, пренесува Ројтерс. Гувернерот во својата објава не споменал штети или жртви, но упатил апел до жителите да ги избегнуваат локациите каде што има остатоци од соборените летала.
Досега имаше серија напади со беспилотни летала на градови и населени места на руска територија за кои Москва тврди дека доаѓаат од Украина.
Украинските власти, пак, рутински одбиваат да ги коментираат ваквите наводи.