Украинските оружени сили во последните неколку седмици ги засилија нападите врз руската нафтена и гасна индустрија, како и врз објекти од наменската индустрија
Украинската армија извршила напад со дронови врз индустриски цели во јужниот руски град Таганрог, во Ростовската Област. Во нападите врз градот што претставува важен центар за руската наменска индустрија загинало едно лице, а осум се повредени, изјави градоначалничката Светлана Камбулова.

Камбулова посочи дека во нападот се оштетени повеќе станбени и неколку индустриски објекти на три компании.
Во Таганрог, што се наоѓа на источниот брег на Азовското Море, се наоѓаат фабрика за авиони и две фабрики што произведуваат дронови и делови за нив. Според изјави на очевидци, противвоздушната одбрана дејствувала со часови, а во нападите е оштетено и едно училиште.
Регионалниот гувернер Јуриј Шљусар соопшти дека над Таганрог и уште шест окрузи во Ростовската Област во текот на ноќта биле пресретнати повеќе од 60 дронови.
Меѓу целите на украинските напади бил и Милеровскиот Реон, каде што се наоѓа воздухопловна база од која руската армија честопати лансира дронови за напади врз Украина.
Украинските оружени сили во последните неколку седмици ги засилија нападите врз руската нафтена и гасна индустрија, како и врз објекти од наменската индустрија.
