На местото интервенираат противпожарните и спасувачките единици на Министерството за вонредни ситуации на Русија во областа Курск и службата за итни случаи и спасување

Складиште за нафта во Курск, Русија е погодено од украински дрон, од што е предизвикан пожар во објектот, објави на Телеграм гувернерот на регионот Курск, Роман Старовоит.
„Како резултат на напад на украински беспилотни летала во регионот Курск, се појави пожар во складиште за нафта. Според првичните информации, нема жртви“,
пишува Старовоит.
Според него, на местото интервенираат противпожарните и спасувачките единици на Министерството за вонредни ситуации на Русија во областа Курск и службата за итни случаи и спасување.
„Благодарение на професионалноста на специјалистите се спречи ширење на пожарот. За гаснење се користат противпожарни возила. На терен работат 165 луѓе со 35 парчиња опрема“,
додава тој на Телеграм.
Во текот на изминатиот месец, руската енергетска инфраструктура беше погодена од напади со беспилотни летала и пожари. Како што пренесуваат странските агенции, ова ја зголемува неизвесноста на глобалните пазари на нафта и гас, кои веќе се потресени од конфликтот на Блискиот Исток.
И Русија и Украина меѓусебно ја напаѓаат енергетската инфраструктура, нанесувајќи удари со цел да ги прекинат снабдувачките и логистичките линии.