Станува збор за турскиот брод „Јаохар Раним“ кој дванаесет дена пловел од украинското пристаниште до албанското пристаниште, а пченицата што ја носи треба да ѝ биде доставена на компанија за брашно во Тирана
Брод со товар од над 6 000 тони пченица од Украина денеска пристигна на пристаништето Драч во Албанија.
Станува збор за турскиот брод „Јаохар Раним“ кој дванаесет дена пловел од украинското пристаниште до албанското пристаниште, а пченицата што ја носи треба да ѝ биде доставена на компанија за брашно во Тирана.
Ова е првиот брод што пристигнува во Албанија од Украина откако Русија ја започна воената инвазија во таа земја.
Натоварен во Измаил, Украина, бродот замина на 28 јули, врз основа на договорот постигнат меѓу Русија и Украина, а со посредство на Турција и Обединетите нации за извоз на пченица. Според тој договор, украинските бродови што извезуваат жито можат да користат безбедни коридори, а Русија се согласи да не ги напаѓа.
Блокадата на украинските пристаништа од почетокот на војната во земјата предизвика проблеми во глобалното снабдување со жито, бидејќи Русија и Украина заедно сочинуваат речиси една третина од глобалниот извоз на пченица.
На почетокот на август првиот украински брод со 26 000 тони пченка исплови од украинското пристаниште во Одеса кон либанското пристаниште Триполи, по што беше најавено дека уште три брода полни со жито ќе испловат од Украина.