
Украински авион „боинг 737“ со 176 лица се урна кратко време по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите патници и членови на екипажот.
„Авионот полетал од меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во иранската престолнина кога еден од моторите се запалил, изјави портпаролот на иранската служба за транспорт“, Касем Биниаз.
Иранската агенција Ирна пренесе дека пилотот изгубил контрола над авион.
Последните информации што ги објави „Иран прес ТВ“ се дека во авионот, кој летал за Киев, Украина, имало 167 патници и девет члена на екипажот, иако во првичните извештаи од останатите ирански медиуми се споменуваше и бројка од 180 лица.
Местото каде што се урнал авионот е помеѓу градовите Паранд и Шахриар.
Податоците од „FlightRadar 24“, сугерираат дека до уривањето дошло во првите две минути од полетувањето. Лекарски екипи веднаш излегле на терен, но како што изјавил шефот на иранските медицински служби, Пирхосин Куливад, не можеле многу да помогнат бидејќи местото на несреќата веќе било запалено при уривањето.
Се огласија и од украинската амбасада во Техеран од каде што ја отфрлија можноста дека несреќата е резултат на терористички напад. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, веднаш по несреќата се огласи на социјалните мрежи, им изрази сочувство на семејствата на загинатите и посочи дека ќе го прекине службеното патување.
Авионот кој се урна бил во употреба околу три и пол години. Несреќата се случува неколку дена пред и официјално да дојде до промените во врвот на компанијата откако во декември 2019 беше променет извршниот директор поради катастрофалната година која ја остава зад себе „Боинг“, односно откако во две несреќи загинаа 346 лица.