Притисокот за брзо решение доаѓа директно од врвот на САД откако американскиот претседател Доналд Трамп пред три дена изјави дека Владимир Путин е подготвен да склучи договор
Висока украинска делегација пристигна во Мајами, Флорида, на клучни преговори со американските партнери, чија цел е финализирање на мировниот договор со Русија. Информацијата ја потврди шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, преку платформата „Икс“.
„На Украина ѝ е потребен мир. Ќе имаме важни разговори со нашите американски партнери за деталите од договорот. Се движиме кон резултати“,
напиша Буданов.
Во украинскиот тим, покрај Буданов, се и шефот на службата за безбедност, Рустем Умеров, како и искусниот преговарач Давид Арахамија. Од американска страна, претставници се специјалниот пратеник Стив Виткоф, секретарот за копнена војска Ден Дрисол, како и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кој важи за клучна фигура во заднинската дипломатија.
Според најавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, делегацијата е во САД за да ги разјасни документите подготвени од американската администрација, особено во делот на руските позиции.
„Доколку сè биде финализирано и американската страна даде одобрение, потпишувањето на договорот ќе биде можно веќе следната недела, за време на Светскиот економски форум во Давос“,
најави Зеленски.
Иако нацрт-договорот е на маса, неколку круцијални точки остануваат спорни, пред сè територијалното разграничување. Притисокот за брзо решение доаѓа директно од врвот на САД. Американскиот претседател Доналд Трамп пред три дена изјави дека Владимир Путин е подготвен да склучи договор, директно обвинувајќи го Зеленски дека тој е страната што го успорува процесот.
