Русија и Украина заедно се одговорни за околу 30 отсто од светскиот извоз на пченица и јачмен
Украинската влада го забрани извозот на ‘рж, јачмен, хељда, просо, шеќер, сол и месо до крајот на оваа година, се вели во резолуцијата на владата објавена денеска, а пренесува Ројтерс.
„Ова значи де факто забрана за извоз“,
се вели во соопштението на владата.
Украинскиот министер за аграрна политика и храна Роман Лешченко рече дека чекорите се преземени „за да се спречи хуманитарна криза во Украина“ и „да се задоволат потребите на населението за критични прехранбени производи“.
Украина е еден од најголемите европски добавувачи на земјоделски производи, според податоците на Европската комисија, a Русија и Украина заедно се одговорни за околу 30 отсто од светскиот извоз на пченица и јачмен.
Цените на пченицата се зголемија по руската инвазија на Украина, достигнувајќи највисоки цени од 2008 година.